Линкови за пристапност

Се очекува продолжување на индиректните разговори меѓу САД и Иран


САД и Иран планираат втора рунда индиректни нуклеарни разговори во Виена оваа недела, а некои аналитичари велат дека саботажата врз иранскиот нуклеарен центар Натанц што се случи во неделата ја ослабила иранската позиција, додека други тврдат дека се ќе зависи од одговорот на Иран.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во понеделникот изјави дека САД очекуваат индиректните разговори да продолжат во главниот град на Австрија во среда, онака како што беше предвидено.

Двете страни го одржаа својот прв круг индиректни разговори во Виена од 6-ти до 9-ти април, а претставниците на Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија дејствуваа како посредници.

Преку индиректните разговори, САД и Иран се обидуваат да се вратат во согласност со нуклеарниот договор од 2015-та година, во кој Иран се согласи да ги ограничи нуклеарните активности што можат да бидат искористени за воени цели, а за возврат САД и другите светски сили треба да обзбедат олеснување на санкциите.

Вашингтон се повлече од договорот и започна еднострано заострување на санкциите кон Иран во 2018-та година додека претседател беше Доналд Трамп.

Техеран возврати една година подоцна со тоа што започна да ги надминува нуклеарните граници на договорот познат како Заеднички сеопфатен план за акција

„Дипломатските дискусии што се водат ... очекуваме да бидат тешки и долги“, рече Псаки. „Нам не ни е дадена индикација за промена на учеството за овие дискусии“ додаде таа.

Иран нема јавно објавено какви било измени во плановите за учество во вториот круг од разговорите во Виена по инцидентот во неделата во постројката за збогатување на ураниум Натанц.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, го обвини најголемиот регионален ривал на Техеран, Израел, за саботирање на мрежата за дистрибуција на електрична енергија во нуклеарната централа што предизвика нарушување на работењето. Тој исто така го означи инцидентот како акт на „нуклеарен тероризам“.

Израел ниту ја потврди ниту ја негираше одговорноста за инцидентот. Израелските власти веќе долго време велат дека се подготвени да дејствуваат воено за да го спречат Иран да развива нуклеарно оружје под закрилата на, како што Техеран ја нарекува цивилна енергетска програма.

XS
SM
MD
LG