Линкови за пристапност

Убиство на грчки новинар предизвика лавина реакции во Европа и Западот


Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис нареди итна истрага за убиството на еден од најпознатите новинари кои пишуваат за криминал во земјата. Грчките медиуми долго се таргетирани од крајно левичарски и анархистички организации.

Министерот за заштита на граѓаните, Михалис Крисохолидис, го напушти маратонскиот состанок со премиерот Кирјакос Мицотакис велејќи дека е одлучен да ги пронајде убијците на Џорџ Караивас.

Тој атентатот го нарече гнасно злосторство, но вели дека е убеден дека властите наскоро ќе ги пронајдат одговорните и ќе ги предадат на правдата.

Караиваз бил застрелан од маскирани мажи кои испукале десет куршуми во главата, вратот и левата дланка на репортерот за криминал, оставајќи го мртов во локва крв пред неговиот дом, во пријатното станбено предградие Алимос, јужно од Атина.

Локалните жители како Елиас, општински градинар кој одби да го даде своето презиме од страв од одмазда, вели дека ги видел вооружените лица и бил запрепастен од тоа колку се однесуваат пресметливо и смирено.

„Пукањето не се слушна зашто тие користеа придушувач“ вели Елиас. „Убијците дојдоа на мотор, пукаа во Караиваз и мирно си заминаа, како ништо да не се случило“ додава тој.

Властите велат дека ги составуваат парчињата од мистеријата, се обидуваат да ги идентификуваат напаѓачите преку безбедносните камери, при пејд мобилните телефони и низа форензички докази кои се собрани.

Тие веруваат дека Караиваз бил следен со денови пред убијците да пукаат во него во петокот, среде бел ден.

Претставници на полицијата за Гласот на Америка велат дека се сомневуаат оти убиството е поврзано со организираниот криминал и со група наречена Грчка мафија која е позната по тоа што најмува странски убијци за пресметките во подземјето.

Елефтериос Економу, заменик-министерот за граѓанска заштита, објаснува.

Нема сомнеж дека се работи за платени убијци
Елефтериос Економу, заменик-министер за граѓанска заштита на Грција

„Нема сомнеж дека се работи за платени убијци. Таква е методологијата, властите го имаат видено ова во најмалку 19 слични убиства во последните три години. Ова може да го отежни решавањето на случајот“ вели Економу.

Експертите велат дека мотивот за убиството на репортерот останува непознат.

Доколку се потврди дека е поврзан со неговата новинарска работа, тоа би било прво убиство на новинар во Европската Унија од 2018-та година, кога беше убиен истражувачкиот новинар Јан Кучијак во Словачка.

Караиваз пишуваше за весникот Елефтеростипос а беше оснвач и на веб порталот bloko.gr кој известува за криминал.

Високи претставници од Европската Унија изразија сочувство, ја поддржаа слободата на печатот и апелираа владата и властите во Атина да ги пронајдат убијците.

Американската амбасада во Атина соопшти дека ќе помогне во напорите за одбрана на правото на слобода на говорот.

Грчките медиуми и новинари често се таргетирани од крајно левичарски анархисти кои ги напаѓаат тврдејќи тоа се напади против естаблишментот.

Сепак, убиствата на новинари се реткост, па со ова се отвораат прашањето дали слободата на говорот е доведена во опасност во земјата каде е создадена демократијата.

XS
SM
MD
LG