Линкови за пристапност

Странски криминалци и нарко босови шетаат низ светот со македонски пасоши


Уапсени се девет лица, полицајци кои се вмешани во скандалот. Над 200 лица од соседството и Јужна Америка, водачи на криминални организации и нарко босови имале македонски пасоши. Во истрагата учествувале Интерпол и САД. Кој е мозокот на криминалата операција останува неодговорено

СКОПЈЕ - 215 е бројката на македонски пасоши кои гласат на имиња на македонски дравјани а кои ги користат криминалци и нарко босови од Србија, околните земји но и од Јужна Америка за да може слободно да се движат и да ги избегнат меѓународните потерници. Ова е епилогот од двегодишната акција „Двојник“ во која покрај МВР учествуваа Интерпол и САД.

Откако опозицијата вчера ја обелодени информацијата и обвини за скандал посочувајќи два конкретни примери, МВР денеска тргна во акција и приведе деветмина осомничени.

Според министерот Спасовски, осомничени се десет лица, полициски службеници во управните служби каде што се фотографираат лицата и се издаваат патните исправи и посредникот меѓу полицацјите и кирминалците. Кој точно е уапсен и кој е мозокот на целата операција Спасовски не откри.

„Уапсените се овластени службени лица и контролори, односно лица кои биле задолжени за издавање и одобрување на патните исправи. Отидено е највисоко во криминалната група .Лицата на кои им се давани пасошите, се лица од висок ризик, т.е. сторители на криминал кои се барале со меѓународни потерници. Во еден дел станува збор за лица членови на нарко картели и сериозни криминални организации “, кажа Спасовски.

Меѓу уапсените се полицајци од пасошката служба во зградата на Македонската телевизија но и двајца службеници од станиците во Бутел и Драчево каде криминалците се сликале а потоа таа слика била вметнувана во оргиниален македонски пасош со идентитет на постоечки македонски државјанин.

Спасовски не појасни прецизно дали државите од каде потекнуваат овие криминалци и нарко босови се информирани дека овие „таргет лица“ користат македонски пасош со друг идентитет и само кажа дека информациите биле споделувани со канцеларијата на Интерпол и службите на САД.

Исто така нема информација дали и колку банкарски смети се отвори на идентитетите кои ги користат овие криминалци.

Истрагата официјално почнала во февруари 2019 година а Спасовски тврдеше дека на овој начин криминалци од странство добивале македонски пасоши и пред 2017 година.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ вчера на брифинг соопшти дека власта им издавала македонски пасоши и документи на балкански наркобосови со лажен идентитет а како примери ги наведе Јован Вукотиќ водач на озлогласениот Шкаљарски клан од Црна Гора преку кој огромни количини на дрога - кокаин се транспортираат од Јужна Америка на Блаканот и во Европа како водачот на турската мафија Седат Пекер. Ги открија и нивните „македонски“ идентитетиЃорѓи Андонов и Џадин Адемовски.

Пекер престојуваше во Македонија извесен период пред да биде протеран а според информациите на Гласот на Америка тој бил во полициската станица „Драчево“ каде бил сликан за македонската патна исправа.

Спасовски пак ги обвини ВМРО - ДПМНЕ дека се обиделе да ја саботираат оваа истрага и акција и го повика обвинителството да реагира.

„ Директно од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицковски беа пласирани информации во врска со истрагата со што директно можеше да се загрози се што беше сработено од нашите полициски службеници, но и од стратешките партнери и Интерпол. Ова е недозволиво застанување против полицијата и против борбата за правда и одговорност на секој што го прекршил законот. Откако овие обиди беа пресретнати, се продолжува со лажни вести, дека наводно оваа акција била почната во периодот кога министер беше Наќе Чулев, а дека потоа МВР не преземала ништо. Ова е целосна невистина, директно поврзана со обидот да се саботира акцијата на полицијата“, рече Спасовски.

Од ВМРО - ДПМНЕ му одговорија дека никој не верува оти чиновници им извадале пасоши на нарко босови без знаење полицискиот врв.

„Во оваа држава криминалот и мафијата имаат своја држава. И сме погласни и поупорни и колку повеќе вака „саботираме“ толку побрзо правото и правната држава ќе владеат а криминалците е бидат зад решетки. Да не се лажеме, криминалот е во врвот на власта. Колку побрзо расчистиме со овие луѓе, толку побрзо ќе имаме правна држава. Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ, власта немаше да се разбуди од зимскиот сон и да спроведе акција за аферата „Мафија“, ако е тоа саботажа, дај Боже секогаш да ги „саботираме“ за да почнат да работа“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО - ДПМНЕ.

Останува и прашањето колку се безбедни податоците и идентитетите на граѓаните откако јавноста дозна дека тие се злупотребуваат за криминалци цели и профит.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG