Согласно одлуката на Владата, до 20 април, угостителските објекти низ цела држава ќе стават клуч на врата. Од угостителскиот и туристичкиот сектор во кој се вработени помеѓу 15.000 и 20.000 луѓе, стравуваат дека можеби оваа мерка ќе трае подолго.
„Одлуката прилично негативно не изненади и ни дојде како шок. Не очекувавме во овој период. Сведоци сме дека и временските услови, само што почнаа да ни одат во прилог, во интерес на неширење на епидемијата, да почнат да работат отворените простори, а ние доживеавме комплетно заклучување“ вели Михаил Мишев, здружение на угостители на Охрид.
„Дали владата мисли дека сопствениците на угостителските објекти имаат кредити, вработените имаат кредити. Овие кредити како ќе се плаќаат. Овие се големи одлуки. Се носат барем десет дена претходно, со јавни дебати, консултации, а не преку ноќ. Мислам дека ќе се продлабочи економската криза во државата, бидејќи ќе има многу невработеност во угостителскиот сектор“ вели Илкер Гаваз, сопственик на угостителски објект.
Затоа од здружението на угостители на Охрид, „Охридски еснаф“ велат дека е потребна итна државна помош за да можат да опстојат.
„Сите оние надлежни кои одлучиле да направат таквиот лок даун, да излезат итно во пресрет со обештетување, како што итно дојдоа до одлука да не затворат“ вели Михаил Мишев, здружение на угостители на Охрид.
Некои пак од објектите во Охрид, во оваа ситуација, ќе се обидат да нудат малку поинакви услуги за граѓаните.
„Ние ќе работиме само со пулт, каде нашите клиенти ќе можат да го подигаат својот омилен пијалак или своето омилено јадење од нашиот хотел. Извесно време ќе работиме и со деливери, односно достава до домовите на нашите клиенти. Се надеваме дека некако ќе функционираме така“ вели Марјан Трпески, менаџер на угостителски објект во Охрид.
По одлуката на Владата, од туристичко-угостителската комора, бараат итна финансиска помош за субјектите кои ќе останат без било какви приходи, со цел да не се изгубат постоечките работни места.
Од Министерството за економија за Гласот на Америка велат дека затварањето на угостителските објекти е како резултат на пандемијата и со цел зачувување на здравјето на граѓаните.
„Министерството за економија има информации за последиците и во оваа насока до Владата заедно со приватниот сектор ќе предлагаме конкретни мерки за поддршка на овој сектор“ велат од Министерството за економија.
Што се однесува до носењето на петтиот сет економски мерки, кој е блокиран во парламентот од економија велат дека апелирале до пратениците од опозицијата истите да го подржат се со цел поддршка на стопанството во овие тешки моменти.
Ова е второ затворање на угостителскиот сектор, по минатогодишното, кога не работеа три месеци. До 20 ти април нема да работат ниту вежбалните, фитнес клубови, спортски центри. Спортските обложувалници ќе може да работат само преку вршење на шалтерска услуга, а угостителскиот објект како во обложувалниците, така и во казината ќе биде затворен за посетители.