Линкови за пристапност

Стартуваше имунизацијата во „Борис Трајковски“


На 48 пункта денеска се вакцинираа здравствените работници и припадниците на МВР. Во „Борис Трајковски“ е предвидено да се спорведе вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура на државната администрација. Процесот од регистрација па до вакцинација течеше без никаков застој

СКОПЈЕ - Почна вакцинацијата во спортскиот центар “Борис Трајковски“. Здравствените работници и припадниците на МВР денеска ќе ја примат првата доза на вакцината „Спутник В“ на еден од 48 те пункта во салата. Овде ќе биде местото каде што во наредните денови ќе се вакцинираат вработените во критичната државна инфраструктура односно полицајците, припадниците на армијата, вработените во јавниот превоз, просветните и медиумските работници.


Вакцинацијата почна во 10 часот наутро а процесот течеше без никаков застој. За тоа се погрижија волонтерите од „Црвен крст“, кои беа првите кои ги пречекуваа граѓаните за вакцинација.

Кај нив се пополнуваше формуларот за согласност за вакцинација а потоа тие беа спроведени кај административните службеници кои ги внесуваа во системот.


Медицинските тимови беа во кабините од левата и десната страна на салата каде се вршеше вакцинацијата а како што беше планирано, сите граѓани кои се вакцинираа минуваа десетина минути на столчињата во средината на салата заради опсервација.

До пладне 500 граѓани ја примија првата доза од вакцината.

„Утрово започна вакцинацијата, почнувајќи од припадниците на МВР. Вакцинацијата тече според сите протоколи и прописи. Се надеваме дека на дневно ниво ќе вакцинираме до три илјади граѓани и на тој начин ќе завршиме еден процес кој го започнавме“, изјави др. Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје кој е задолжен за вакцинацијата во овој центар.

По примената вакцина, според протоколот, граѓаните ја добиваа потврдата за вакцинација со датум за ревакцинација. Волонтерите студенти од медицинскиот факултет беа тука за да ги информираат што да прават доколку се јават несакани контраиндикации од вакцината.

„Ги информираmе што не треба да прават. Доколку се појави температура или треска или други симптоми да примаат парацетамол. Не смее тежок физички напор за да не се појави болка на раката во која се вакцинирани и дека не смеат да консумираат алкохол во наредните седум дена“, изјави Мелина Сапламаева, студент на шеста година на Медицинскиот факултет

Здравствените работници и полицајците не го криеа задоволството од степенот на организација и професионалност на тимовите во салата.

„Беспрекорно. Не се чека, одлично организирано. Ме повикаа за вакцинација пред еден месец но бев спречена поради заболени во тимот. Ситуацијата е многу сериозна. Немав двојби дали да се вакцинирам. Им препорачувам на сите кои треба да се вакцинираат да го сторат тоа. Ова не се издржува. Системот ќе колабира “, изјави др Зорица Давков, матичен лекар Кавадарци

И медицинските тимови се задоволни како тече процесот во „Борис Трајковски“.

„Процесот тече одлично. Како за прв ден во салата „Борис Трајковски“. Се надеваме на многу помасовен одзив на граѓаните затоа и праќаме апели. Ги повикувам сите кои што сакаат и имаат можности да дојдат да се вакцинираат. Вакцинацијата е многу потребна“, рече Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје Скопје кој е задолжен за самата вакцинација на граѓаните.

Вакцинацијата во спортскиот центар „Борис Трајковски“ продолжува. За утре се предвидени припадниците на АРМ и МВР а тука со вакцината „Спутник В“ ќе се вакцинираат вкупно 20 илајди државни службеници кои се опфатени во оваа фаза од вакцинацијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG