„Мислам дека е храброст ова да се помине, бидејќи кога се борите со ракот, вие се борите со нешто кое постои кај вас, а кое не требало да биде таму. Тоа е една психолошка и физичка борба со ветерници. Но тоа еден ден ќе помине и ќе остане во минатото“ изјави Вања Мицевска, пациентка која се излекувала од канцер на дојка.
27 годишната, Вања Мицевска, себеси се смета за храбра девојка, бидејќи со само 26 години успеала да се избори со една од најопасните болести на денешницата, канцерот. Сепак почетокот воопшто не бил лесен, особено моментот откако ја добила веста, дека боледува од канцер на дојка.
„Ми се сруши целиот спокој во моето секојдневие и морав да поминам низ неколку месечен период за таа болест да се излечи. Таа реченица, резултатите пристигнаа и за жал имате рак, е нешто што засекогаш ќе го паметам. Само се срушив на една клупа, и се јавив на мајка ми и само и реков рак“ вели Мицевска.
Со слична судбина се соочила и 34 годишната Анета Јовановска, на која пред две години и бил дијагностициран канцер на матка. Иако станувало збор за доста агресивен вид, болеста била откриена во прв стадиум, па лекарите и препорачале оперативен зафат.
„Јас во ниту еден момент не се откажав и ниту во еден момент не ми пролета некоја лоша мисла. Јас кога го прочитав резултатот во моите раце дека треба да се борам со болеста канцер, првично на глас си реков господе те молам не ме земај, затоа што имам јас за кого да живеам. Им требам на моите дечиња. Знаев дека ме чека еден долг и тежок пат, кој што морам да го изодам“ вели Анета Јовановска, пациентка која се излекувала од канцер на матка.
И за двете следувале тешки и долги денови. Вања била изложена на осум циклуси хемотерапија, додека Анета на четири циклуси хемотерапија и дваесет и пет зрачења.
„Јас кога почна косата да ми паѓа, паѓаше 4-5 дена и и реков на мајка ми, истрижи ме и во тој момент се почувствував како да ми паднал камен од срце, затоа што косата беше насекаде во нашиот дом. Но косата многу бргу расте. Додека почувствувате, таа веќе пораснала и еве сега си ја носам гордо својата сопствена коса“ вели Мицевска.
„Јас бев толку храбра, што воопшто не се срамев што падна косата, веѓи, трепки се паѓа. Јас слободно си шетав. Немав никаков срам“ вели Јовановска.
Вања и Анета денес не само уште успешно се справија со болеста туку на разни начини им помогнат на оние кои се соочуваат со истата ситуација. Вања преку своите радио емисии се обидува да третира што повеќе теми поврзани со болеста. Нашите соговорнички сметаат дека нивната храброст треба да биде пример за останатите.
„Тоа е мојата порака до сите. Дека ова еден ден ќе помине, дека не треба себеси да се обвинуваат, да се затвораат затоа што има светло до крајот на тунелот. И до сите млади девојки сакам да испратам порака, да си го познаваат своето тело, бидејќи тоа кога нешто не е во ред , ќе најде начин да го каже, но ние треба да го послушаме“ вели Мицевска.
„Би упатила апел до сите кои се соочуваат со оваа болест, да имаат јака верба прво во себе, да не ја губат таа верба, да не дозволат психата да ги надвладее, бидејќи таа е најголемиот непријател на болеста“ вели Јовановска.
И неодамнешниот говор на Папата Франциск, по повод светскиот ден на жената осми март, во кој тој критикувајќи го нивниот третман, рече дека жените се похрабри од мажите, во многу ситуации ја покажува оваа реалност.