Линкови за пристапност

Испорачана првата пратка вакцини преку Ковакс системот


Вакцинацијата со 24 илјади дози од производителот „Астра Зенека“ почнува во среда а приоритет се граѓаните над 70 години со хронични болести. Денеска пристигна и нова пратка од 3.000 вакцини „Спутник В“ за медицинските работници

СКОПЈЕ –Со комерцијален лет од Истанбул утрово на скопскиот аеродром пристигна првата пратка на вакцини преку Ковакс системот. Станува збор за 24 илјади дози од производителот „Астра Зенека“ кои ќе бидат наменети за возрасните граѓани над 75 годишна возраст со хорнични болести. Вакцините ќе се чуваат во Заводот за трансфузиологија во Скопје, а процесот на вакцинација ќе почне во среда.

„Вакцината ќе се чува најпрвин во нашите фрижидери во Скопје, кога ќе се спроведе дистрибуцијата ќе биде во фрижидерите кои веќе постојат во вакциналните пункотови во здравствените домови поради тоа што ова вакцина што се чува на температура од 2 до 8 степени, што значи буквално секој град може да се чува и да се дава понатаму“, изјави министерот Венко Филипче.

Вакцинацијата ќе ја спроведат тимовите кои и претходно вршеле вакцинација на населението, но нема прецизна информација каква ќе биде процедурата со старите и изнемоѓтени кои нема да можат самите да дојдат во вакцинациските пунктови а токму тие се приоритет во оваа фаза на вакцинирањето и токму со вакцините кои пристигнаа денес.

Филипче најави дека во текот на идниот месец ќе пристигне уште една пратка преку Ковакс системот а очекува и да биде потпишан и исполнет договорот за испорака на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. За колкава бројка стануива збор не откри детали но додаде дека со вакцините од Кина населението ќе се имунизира во спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ во Скопје.

„Сега ние сме посветени системот на имунизација да се спроведе брзо и ефикасно. Имаме најави и за пристигнување на други вакцини во текот на овој месец. Очекувањата во делот на времето не се исполнија и сето ова доаѓа со неколку недели закаснување, меѓутоа имајќи предвид дека е огромна побарувачката на вакцини насекаде во светот, имајќи предвид дека сите земји се буквално соочени со овој предизвик, добро е што системот покажа дека функционира така како што е замислен и добро е што имаме сигнали дека ќе продолжи да функционира, за ние во следните месеци да знаеме точно колку вакцини можат да стигнат преку Ковакс системот за процесот на имунизација да се одвива во континуитет “,рече Филипче.

На скопскиот аеродром беа присутни и претсавниците на дипломатскиот кор во државата. За амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, кажа дека ќе се соочиме и ќе ја пребродиме оваа пандемија доколку делуваме заедно како партнери.

„Сите држави мора да имаат пристап до вакцините против Ковид – 19 за да се запре пандемијата бидејќи рапидното ширење на коронавирусот ни покажа на сите нас дека ниту една држава не може да дејствува сама кога станува збор за глобален предизвик. Ќе сесоочиме и ќе го надминеме овој глобален предизвик ако продолжиме да работиме заедно како партнери како што е денеска“, рече амбасадорката Брнз.

Претставничката на СЗО во Северна Македонија, д-р Џихан Тавила, му се заблагодари на министерот за здравство д-р Венко Филипче и на неговиот тим за напорната работа.

„Тоа е комплицирана работа не е лесно треба да се работи на регулатива, на логистика ... Вакцините се рефлексија на солидарост во борба против вирусот“, истакна д-р Тавила.

Патриција Диџовани, претставничката на УНИЦЕФ, посочи дека вакцините против Ковид 19 нудат надеж.

„Пандемијата на Ковид 19 сериозно влијае врз животот на децата и младите, а имунизацијата ќе биде важен чекор кон закрепнување, вклучително и кон безбеден и целосен пристап до виталните услуги“, рече Диџовани.

Преставникот на делегацијата на ЕУ, Никола бертолини, ги повика граѓаните да се вакцинираат.

„ Ова е среќен ден. Ковакс доаѓа и почнува да испорачува. Ќе донесеме уште повеќе вакцини но битното е да знаете дека ако сакате некого, ако имате родители, ако имате деца, треба да се вакцинирате, треба да ја примите вакцината“, рече бертолини.

За опозициската ВМРО – ДПМНЕ, пратката од 24 илјади дози вакцини е само капка во морето.

„ Секој ден има четирицифрени бројки на заразени. И не само што нема вакцини, нема ни медикаменти, граѓаните молат кај стигнат за терапија, ама за тоа Филипче не се интересира. Сето ова што се случува, немањето вакцини, заминувањето во соседна држава за вакцинирање, фактот што Македонија е на дно на листите по процент на вакцинирано население, а е високо на листата на починати од корона на милион жители, е пораз на Филипче и Заев. Оттука тоа што за денес има пратка на вакцини не значи ништо. Никој ништо не очекува веќе од Заев и Филипче“ соопштија од партијата.


А попладнево на скопскиот аеродром стигна втората прсатка на вакцините „Спутник В“, вкупно три илјади дози со кои ќе се вакцинира и ревакцинира медицинскиот персонал која работи во т.н. „црвени зони“ – Ковид центрите и инфективните одделенија.

Додека вакцините на „Астра Зенека“ беа на пат кон Скопје, голем број на граѓани и денеска заминаа во соседна Србија за да ја искористат можност да се вакцинираат исто така со вакцината на „Астра Зенека“.

Според официјалните информации на МВР , речиси 10 илјади македонски државјани вчера и денес излегле од државата преку граничниот премин „табановце“

„Во текот на вчерашниот ден на граничниот премин „Табановце“ излез од државата оствариле 6,106, а влез 6.183 македонски државјани. Денеска пак до 11 часот границата за излез ја поминале 3.113 мкедонски граѓани“, соопштија од МВР.

Вакцинацијата во Србија се одвива во Белград во салата на Белградскиот саем а во Ниш во спортската сала „Чаир“ каде има голем број на македонски државјани кои немаат закажан термин но според најавите на српските власти доколку останат вакцини ќе бидат вакцинирани.

Притисокот врз здравствениот систем не попушта. Четирицифрените бројки на новозаболени на дневно ниво продолжуваат а пикот како што најавуваат надлежните допрва треба да дојде. Во моментов во Ковид центрите и на инфетктивните одделенија во болниците во Скопје и во внатрешноста се хоспитализирани 1.545 пациенти а здравстевните капацитет располагаат со 238 слободни кревети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG