Линкови за пристапност

Болниците преполни, бројките растат – третиот бран го засилува притисокот врз здравствениот систем


Надлежните најавуваат пратка од 24 илјади дози на „Астра Зенека“ која ќе се испорача во недела. Каде и колку точно слободни кревети нема одговор. Викендов, во Србија, голем број на македонски државјани ќе бидат вакцинирани

СКОПЈЕ – Барем до вторник нема да има измени на рестриктивните мерки кои се на сила. Состанокот на Комисијата за заразни болести заврши без предлог до Владата што значи дека останува само полицискиот час од 22 часот навечер до 5 часот наутро кој е на сила до 6 април. Сепак, нов состанок на Комисија е закажан во вторниккога ќе се прави нова анализа на бројките и епидемиолошката состојба.

Надлежните остануваат на ставот дека ситуацијата е под контрола и дека дополнителните рестиркции би биле зголемување на времетраењето на полицискиот час и скартувањето на работното време на угостителите.

Во меѓувреме премиерот Заев и министерот Филипче најавија дека во недела наутро преку КОВАКС механизмот ќе бидат испорачани 24 илјади дози вакцини од производителот „Астра Зенека“.

„Информацијата дека во недела ќе пристигнат 24 илјади дози вакцини преку Ковакс системот ја знаевме уште пред два три дена, но, синоќа на министерот Филипче му беше потврдено и тој ја објави информацијата. Со оваа пратка може да почне првиот чекор на масовна имунизација на државата“, изјави премиерот Заев.

Најавените 24 илјади вакцини ќе се искористат за исто толку граѓани бидејќи од Владата и министерството за здравство се уверени дека за три месеци ќе пристигне и втората пратка вакцини од овој производител која посред протоколите се се прима во две дози но во временска разлика од три месеци.

За премиерот Заев имало и предности што во Северна Македонија доцни вакцинацијата бидејќи можело да се анализира целиот процес. Тој нагласи дека очекува вакцинацијата да биде масовно прифатена од граѓаните.

„Има една предност, еве така да кажам, што сме земја со задоцнување со вакцините. Земјите-членки на Европската унија почнаа пред нас и можевме да ги согледаме предностите или слабостите и да заклучиме дека вакцините се безбедни и граѓаните масовно треба да ги прифатат. Очекувам масовно прифаќање на вакцините во Северна Македонија“, рече премиерот.

Во последното деноноќие се регистрирани 1.422 новозаболени и 33 починати,меѓу кои се двајца скопјани на 38 и 43 годиншна возраст и 41 годишен тетовец. Направени се 4.277 тестирања од кои дури 33,2 отсто се позитивни.

Од почетокот на епидемијата битката со вирусот ја загубија 3.607 пациенти а во моментов има 17.472 активни случаи од кои половина се во Скопје – 8.838.

Притисокот врз здравстениот систем продолжува да расте. Од ден во ден има повеќе пациенти во болниците. Покрај Ковид центрите, во голем дел од болници се затвараат одделенија кои се пренаменуваат за прием на пациенти заболени од Ковид - 19.

Од министерството за здравство не доставија прецизен одговор на прашањата на Гласот на Америка на македонски јазик - која болничка установа и Ковид центар со колку кревети располага и колку утрово беа слободни. Тие тврдат дека „има околу 250 слободни кревети“ но ситуацијата на терен и изјавите на граѓаните како и лекарите во болниците и во Итната помош го покажуваат спротивното. Кревети нема и пациенти со часови талкаат од болница во болница барајќи кревет и хоспитализација.

Во моментов хоспитализирани се 1.537 пациенти. Најголем дел од нив се во тешка состојба и се приклучени на респираторна поддршка. Во Градската болница „8 Септември“ сите хоспитализирани се приклучени на инвазивна или неинвазивна поддршка а 90 од нив се критични.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 80 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 96 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 68 болни, а во Куманово 137 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 119, во ковид центарот во Гостивар 43, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 65 пациенти, во Кочани 28 во Кичево 28, Кавадарци 78, а во Гевгелија 25 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот“, стои во одговорот на министерството за здравство.

Додека се чекаат вакцините да пристигнат во државата, голем број на македонски државјани кои аплицираа за вакцинација во соседна Србија преку системот „е-Управа“, вчера и денес добија повратен одговор и термин за вакцинација овој викенд во Белград а вакцината која ќе ја добијат е на „Астра Зенека“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG