Линкови за пристапност

Блинкен во Брисел – ревитализација на односите на САД со НАТО сојузниците


Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, се очекува во својот говор во Брисел да ја истакне заложбата на администрацијата на Бајден за обнова и ревитализација на врските со сојузниците на САД.

Тоа е дел од неговата порака за време на неговата прва посета на Европа откако стана шеф на американската дипломатија, покажувајќи промена од четиригодишната надворешна политика на поранешниот претседател Доналд Трамп, која се фокусираше на ставање приоритет на интересите на САД.

Обраќањето доаѓа на последниот ден од дводневниот министерски состанок на НАТО, за време на кој Блинкен одржа голем број разговори со неговите колеги.

Распоредот денеска вклучува одделни разговори со министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, сесија со министрите за надворешни работи на Естонија, Латвија и Литванија, како и средби со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со шефот за надворешна политика на ЕУ, Џосеп Борел.

Блинкен им изјави на новинарите во вторникот дека Соединетите Држави сакаат да ги обноват своите партнерства, „пред се и најважно со нашите сојузници во НАТО“.

„Последното нешто што можеме да си го дозволиме е да го земеме овој сојуз здраво за готово“, рече Блинкен, долгогодишен доверлив човек на Бајден.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден планира да разговара за зајакнување на односите меѓу САД и ЕУ за време на видеоконференција со лидерите на ЕУ во четврток.

Ставот на Бајден е сосема спротивен од оној на поранешниот претседател Доналд Трамп, кој често напаѓаше други земји на НАТО затоа што не ја исполниле целта на алијансата секоја земја да потроши 2% од Бруто домашниот производ на одбрана.

Една од најголемите теми за дискусија за време на дводневните состаноци во Брисел е мисијата на НАТО во Авганистан, бидејќи се приближува крајниот рок од 1 мај за целосно повлекување на сите американски трупи според мировниот договор склучен минатата година меѓу Талибанците во Авганистан и поранешната американска администрација на претседателот Доналд Трамп.

Блинкен рече дека ситуацијата е во фаза на разгледување и дека дел од неговата работа во Брисел ќе бидат разговори со сојузниците на НАТО, да го слушнат размислувањето на САД.

Тој рече дека што и да одлучат Соединетите Држави, нивните активности ќе бидат со консултации со други земји - членки кои биле дел од воената мисија.

„Влеговме заедно, се прилагодивме заедно и кога ќе дојде време, ќе заминеме заедно“, рече Блинкен.

XS
SM
MD
LG