И по неколку часа на ден охриѓанката Билјана Тодороска, поминува во изработка на уникатни парчиња накит, познат како „Сутаж“. Иако на почетокот, тоа го правела од љубов, денес сето ова за неа претставува начин за лична заработка. Биљана е вистински презентер на современата македонска жена, која без предрасуди, успешно раководи со сопствен бизнис.
Билјана веќе единаесет години изработува уникатни парчиња накит, но последните неколку години, нејзиниот фокус е стариот руски накит „Сутаж“, кој го носеле руските војници и дамите од некогашните француски аристократски семејства.
„Со изработка на накит се занимавам 11 години со посебен акцент на сутаж, последните шест години. Се одлучив за сутаж, бидејќи е една од најретко застапените техники кај нас и една од најсложените, која бара многу труд, многу посветеност и пред се многу љубов. За оваа техника разбрав преку интернет. Техниката потекнува од Русија, а се нарекува и руска плетенка. Во минатото се користела за изработка на воените униформи на руските војници и секоја боја го означувала чинот на војниците. Се среќава и подоцна во француската мода и најчесто ја носеле дамите од високите аристократски семејства“, ни открива Билјана.
Билјана вели дека долг и макотрпен бил процесот на усвојување на техниката на изработка.
„Јас сосем сама ја научив оваа техника. Ми беа потребни околу три месеци, многу неуспешни обиди и непреспиени ноќи за да го научам. Самата техника претставува спојување на специјален сутаж-конец со шиење, при што се вметнуваат одредени камчиња, бисери и други материјали, а во последно време често ги користам, бакарот, дрвото, полимерна глина. Постојано се надоградувам. Додавам нови елементи, за да сето тоа биде попривлечно“, вели таа.
Вели дека за изработка на едно ланче и се потребни неколку часа.
„За едно синџирче се потребни и до 20 часа активна и макотрпна работа. Доста време одзема и фотографирањето и промоцијата на самиот производ“, вели Билјана.
Најголема инспирација и е нејзиниот роден град Охрид.
„Мојот град е доста инспиративен. Инспирацијата овде не мора да ја бараш. Таа ја има насекаде. Така дојдов до идеја, да ги искористам фотографиите на мојот син и да изработам парчиња накит со мотиви од нашиот град. Исто така за мене доста е инспиративно и патувањето околу светот и во една моја колекција патување околу светот опфатив места кои во иднина сакам да ги посетам“, додава таа.
Нејзиниот производ сега е брендиран под името.
„Сето ова може да се најде под овој бренд. Во нормални услови, интересот е голем од странски туристи, а исто така се нарачува и преку интернет. Над илјадници парчиња накит се изработени“, вели Билјана.
Оваа млада жена, вели дека секоја една жена, може да биде добра во она што го прави. Само вели е потребна желба и упорност за тоа.
„Многу е тешко да се усогласат сите тие работи и семејството и професијата и додатните работи, тоа бара голема жртва, но на крајот сето тоа се исплаќа. И во последно време на мое големо задоволство, се повеќе жени ги покажуваат своите таленти. Ние сме многу талентиран народ и посебно во време на пандемија, повеќето жени го искажаа својот талент“, вели Билјана.
Билјана на специјални работилници за изработка на сутаж, го пренесува своето знаење на други жени, а досега одржала и неколку самостојни изложби.
„Во соработка со институтот „Креативна Македонија“ од Скопје, организиравме и работилници за сутаж накит со тоа што моето знаење можам да го пренесам и на другите. Имам одржано и две самостојни изложби. Првата беше во Галеријата на Робевци во Охрид и втората во Спомен домот Браќа Миладиновци во Струга. Планирана е и третата моја самостојна изложба, се надевам во подобро време“, вели Тодороска.
Таа и со порака до сите.
„Би им препорачала на сите кои се талентирани, да бидат упорни, да го покажат својот талент, бидејќи има место за секого под ова небо“.