Тој ја изрази „цврстата посветеност“ на администрацијата на Бајден кон Алијансата.
Блинкен разговараше со новинарите во Брисел заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред двајцата да одржат разговори пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО подоцна во текот на денот.
Столтенберг рече дека го поздравува пристапот на новата администрација на САД, велејќи дека постои „единствена можност да се започне ново поглавје во трансатлантските односи“.
Една од најголемите теми за дискусија за време на дводневните состаноци во Брисел е мисијата на НАТО во Авганистан, бидејќи се приближува крајниот рок од 1 мај за целосно повлекување на сите американски трупи според мировниот договор склучен минатата година меѓу Талибанците во Авганистан и поранешната американска администрација на претседателот Доналд Трамп.
Блинкен рече дека ситуацијата е во фаза на разгледување и дека дел од неговата работа во Брисел ќе бидат разговори со сојузниците на НАТО, да го слушнат размислувањето на САД. Тој рече дека што и да одлучат Соединетите Држави, нивните активности ќе бидат со консултации со други земји - членки кои биле дел од воената мисија.
„Влеговме заедно, се прилагодивме заедно и кога ќе дојде време, ќе заминеме заедно“, рече Блинкен.
Столтенберг рече дека ги поздравува мировните напори, истакнувајќи дека тоа е „единствениот пат до трајно политичко решение во Авганистан“.
Но, шефот на НАТО рече дека за да се постигне мир, сите страни треба да преговараат со добра намера, треба да има намалување на насилството и Талибанците да престанат да ги поддржуваат меѓународните терористи како што е Ал Каида.
Покрај присуството на министерските состаноци на НАТО, распоредот на Блинкен во вторник вклучува и посебна сесија со неговите колеги од Велика Британија, Франција и Германија.
Пристигнувањето на Блинкен во Европа во понеделникот доаѓа кога Соединетите Држави воведоа координирани санкции со Европската Унија и за Кина и за Мјанмар.
Санкциите во Мјанмар беа насочени кон највисоките функционери кои се поврзани со минатомесечниот воен удар, додека кинеските санкции беа насочени кон неколку кинески официјални лица обвинети за кршење на човековите права против муслиманското ујгурско малцинство во кинеската провинција Синџијанг.
Во врска со кинеските санкции, кои беа воведени и во координација со Канада и Велика Британија, Блинкен рече дека Соединетите држави дејствуваат солидарно со сојузниците на САД.
„Обединетата трансатлантска реакција испраќа силен сигнал до оние што ги кршат или злоупотребуваат меѓународните човекови права и ние ќе преземеме понатамошни активности во координација со истомислениците“, рече Блинкен во изјавата во понеделникот.
Агендата на Бликен во Брисел вклучува и состанок со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со Џосеп Борел, шефот за надворешна политика на Европската Унија.
Стејт Департментот соопшти дека точките на дневниот ред вклучуваат напори за економско закрепнување како одговор на пандемијата и решавање на „глобалните предизвици што доаѓаат од Иран, Русија и Кина.“
Последниот дел од агендата на патувањето на Блинкен се билатерални разговори со белгискиот вицепремиер и министер за надворешни работи Софи Вилмес.