Линкови за пристапност

Блинкен во Брисел на состанок со НАТО сојузниците


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигнува во Брисел каде ќе има средби кои, според Стејт Департментот, имаат за цел да ги зајакнат врските со НАТО сојузниците по прашања како климатските промени, борбата со тероризмот и напорите за справување со пандемијата.

Блинкен утре ќе учествува на состанок со министрите за надворешни работи на земјите – членки на НАТО, а во среда ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Тоа ќе претставува можност државниот секретар и министрите за надворешни работи да дискутираат за иницијативата НАТО 2030“ изјави в. д. помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер. „Предлозите за усвојување на делови од иницијативата 2030, загриженоста за Кина и Русија, како и за климатските промени, кибернетската безбедност, хибридните закани, борбата против тероризмот, енергетската безбедност, очигледно и глобалната пандемија ќе биде дел од тоа, како и други предизвици со кои се соочуваме заедно“ додаде тој.

По четири години надворешна политика на Доналд Трамп која беше фокусирана на давање приоритет само на американските интереси, Рикер вели дека Блинкен ќе одржи говор во Брисел во кој ќе ја образложи посветеноста на „повторно градење и ревитализација на сојузништвата“ додека истовремено ќе ја нагласи и важноста на НАТО.

На агендата на Блинкен исто така се и состаноци со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дел Лајен, како и со комесарот за надворешни работи Жосеп Борел.

XS
SM
MD
LG