Линкови за пристапност

Филипче: Нема нови рестрикции сегашниот полициски час останува на сила


За дополнителни мерки ќе се одлучува во понеделник. Здравствените капацитети сеуште можат да го издржат притисокот. Рапидно ширење на вирусот сега има во Скопје, Гостивар и Велес. Се повеќе млади се заболени и хоспитализирани Вакцини до крајот на месецов но повторно без прецизна дата

СКОПЈЕ -Северна Македонија е во екот на третиот бран на епидемијата а за само еден месец бројот на актвини случаи е зголемен за пет илјади, речиси двојно, но постоечката рестриктивна мерка, полицискиот час од 22 до 5 часот наутро, останува на сила и нема да има дополнителни рестрикции одлучи Комисијата за заразни болести на состанокот кој се одржа утрово.

„Британскиот сој“ се шири речиси неконтролирано меѓу населението во државата. Според министерот за здравство, Венко Филипче во неколку градови каде во изминатиов период инциденцата беше исклучително висока а ситуацијата речиси критична сега постепено се смирува. Сега ризикот е најголем во Скопје, Гостивар и Велес каде инциденцата односно ширењето на вирусот е нагло зголемено.


„Утрово по координација со членовите на Комисијата за заразни болести на база на најновите податоци и анализи, тоа се процентот од позитивни изминатите денови, просекот врз основа на двонеделните бројки, констатирано е дека оние градови каде што имаше значајно зголемување на инциденцата како Валандово, Крушево, Кавадарци и Прилеп, тука се уште има значаен број пациенти кои се хоспитализирани, а има и зголемување на инциденцата во Скопје, а посебно во Гостивар и во Велес. Тоа што беше заклучок денеска е дека оваа сегашна важечка рестрикција на движењето после 22 часот треба да остане иста, дека нема да се надополнува и дека дефинитивните резултати ги очекуваме кон крајот на оваа недела, викендов, или почетокот на следната недела, дотогаш сме подготвени да ги изменаџираме сите други активности во однос на болниците,“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Анализата на бројките од денес до понеделник ќе даде слика за тоа што ќе се случува наредниот период и врз основа на тоа на следниот состанок ќе Комисјиата ќе одлучи што понатаму и дали ќе има нови рестриктивни мерки.

„Во глава имам сценарио А,Б,Ц и Д но во моментов не е иста состојбата со ноември и сега. Бројот на хоспитализирани и медицински персонал се разликува. Правиме многу повеќе тестови и навлегуваме во динамиката на епидемијата. Имам во предвид нови мерки но сега не е врема, Комисијата ќе заседава“, рече д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Притисокот врз здравствените капацитети се зголемува од ден во ден, ковид центрите на скопските клиники повторно се отвараат, последен во низата е во склоп на Ургентниот центар. Во моментов 1.135 пациенти се хоспитализирани во Ковид центрите и на инфективните оддленија во болниците во Скопје и внатрешноста кои располагаат со уште околу 280 слободни кревети.

А бројките се немилосрдни. Според официјалниот извештај на Институтот за јавно здравје минатата недела 129 пациенти ја загубиле битката со вирусот што е речиси два и пол пати повеќе од неделата претходно. Минатата недела се регистрирани 5.456 новозаболениво 34 града низ државата што е за 22 отсто споредено со првата недела овој месец. Половина од новите случаи се во Скопје. Дополнително загрижува што процентот на позитивни тестови останува ист и исклучително висок 23,9% а бројката на оздравени пациенти е намалена речиси за 30 отсто.

Речиси 200 деца до 9 години се тестирани позитивни во изминативе две недели.

Прележувањето на вирусот не дава стоотстотна заштина а тоа го потврдуваат и од ИЈЗ чии податоци покажуваат дека преку стотина пациенти заболеле по втор пат. Најмладиот пациент имал само 6 години. За жал за двајца исходот бил фатален.

Она што загрижува е и што паѓа старосната граница на активните случаи, па сега најголем број на активни случаи се меѓу 30 и 50 годишна возраст.

Според анализата на Институтот за имунобиологија, секој трет граѓанин во земјава има антитела на ковид-19. Испитувањето спроведено врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје изминатите две недели, покажало дека 31 отсто од испитаниците имаат антитела или секој трет граѓанин прележал ковид-19. Во анализата биле земени примероци и од луѓе кои знаеле дека го прележале вирусот, но и од испитаници кои не биле заразени или пак не знаеле дека биле позитивни.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG