Американскиот претседател Џо Бајден и други функционери од Демократската партија неделава ќе отпатуваат во повеќе сојузни држави за да го промовираат економскиот пакет од 1.9 трилиони долари кој Бајден го потпиша минатата недела. Тие се надеваат дека ќе може да им објаснат на гласачите како парите можат да им помогнат, но и ќе укажат дека мерките беа усвоени при целосно противење на Републиканците.
Бајден денеска ќе зборува за пакетот од Белата Куќа, а неговата сопруга Џил ќе отпатува во Њу Џерси каде заедно до гувернерот Фил Марфи ќе посети основно училиште во кое се очекува да стане збор за чекорите што се преземаат за повторно отворање на училиштата и за помошта што семејствата може да ја очекуваат од економскиот пакет.
Потпретседателката Камала Харис патува за Лас Вегас каде ќе посети центар за вакцинација за Ковид-19.
Бајден утре ќе отпатува во Општина Делавер, приградска област во Филаделфија во Пенсилванија, сојузна држава во која тој успеа да ја преземе победата од Доналд Трамп во ноемвриските избори.
Пакетот помош е еден од најголемите во американската историја и е прва голема легислатива донесена откако Бајден дојде на власт. Беше изгласан единствено со поддршка на Демократите. Републиканците се противеа на големината на пакетот и фактот што дел од парите не се директно поврзани со борбата со пандемијата.
Бајден минатата недела најави дека членовите на неговата администрација ќе отидат низ целата земја за „директно да зборуваат“ со Американците за планот.
Бајден и другите Демократи планираат да потенцираат дека милиони возрасни Американци, сите освен оние со високи примања, ќе добијат по 1.400 долари директна поддршка, како и дека ќе има даночни олеснувања за оние што имаат деца.
Милијарди долари ќе бидат префрлени на властите во сојузните држави и на локално ниво, како и на бизнисите кои беа тешко погодени од пандемијата.
Дополнителни средства се предвидени за забрзување на процесот на вакцинација.