д-р Ентони Фаучи, водечкиот експерт за заразни болести во САД, изјави дека земјата се движи „во вистинска насока“ со процесот на вакцинација, но предупреди дека се уште мора да се биде внимателен.
Зборувајќи за телевизијата Ен Би Си, Фаучи предупреди дека „со израмнување на бројот на нови случаи на 60 илјади на ден, постои ризик за нов бран.“
Фаучи како пример ја посочи Италија. Тој објасни дека тие го израмнија бројот на нови случаи по што ги намалија рестриктивните мерки, а сето тоа придонесе за моменталното зголемување на бројот на нови случаи таму.
Фаучи апелираше луѓето да продолжат да ги почитуваат препораките, особено носењето на маски.
САД остануваат на врвот на листата со најмногу инфекции со Ковид-19, според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс кои постојано се обновуваат.
Од вкупно 120 милиони потврдени случаи во светот, 29.4 милиони се во САД. Следат Бразил со 11.4 милиони и Индија со 11.3 милиони.