Линкови за пристапност

НАСА: Голем астероид ќе мине крај Земјата на 21 март


Најголемиот астероид кој ќе се приближи до Земјата годинава ќе мине на растојание од само два милиони километри на 21 март, соопшти НАСА.

Американската вселенска агенција вели дека ова ќе им овозможи на астрономите да го погледнат астероид од минимална далечина.

Се проценува дека астероидот кој е наречен 2001 FO32 има дијаметар од околу 900 метри и беше откриен пред 20 години.

„Многу прецизно го имаме определено орбиталниот пат на 2001 FO32 околу Сонцето. Нема шанси да се приближи повеќе од два милиони километри“ вели Пол Чодас, директор на Центарот за проучување на објекти кои се приближуваат до Земјата.

Тоа е приближно 5.25 пати поголемо растојание од она меѓу Земјата и Месечината, но сепак е доволно близу за 2001 FO32 да биде „потенцијално опасен астероид.“

НАСА вели дека 2001 FO32 се движи со брзина од 124 илјади километри на час што е побрзо од повеќето астероиди кои се приближуваат до Земјата.

„Во моментов знаеме малку за овој објект, па многу блиската средба овозможува извонредна можност да научиме повеќе“ вели Ланс Бенер, научник во лабораторијата на НАСА Jet Propulsion.

Од НАСА велат дека астрономите се надеваат дека ќе добијат податоци преку набљудување на рефлектираната светлина од површината на астероидот.

„Кога светлината паѓа на површината на астероидот, минералите апсорбираат одредени бранови должини а ги рефлектираат останатите. Со проучувањето на спектарот на светлината која се рефлектира астрономите може да го определат хемискиот состав на површината на астероидот“ соопшти НАСА.

И астрономите аматери во одредени делови од светот би требало да имаат можност да извршат свои набљудувања.

„Астероидот ќе биде најсветол додека минува на небото на јужната хемисфера“ вели Пол Чодас, директор на Центарот за проучување на објекти кои се приближуваат до Земјата. „Аматерите астрономи на јужната хемисфера и оние од северната но на помали географски ширини ќе може да го видат астероидот со телескопи со умерена големина, но веројатно за да го најдат ќе мора да користат ѕвездени карти“ додава тој.

Според НАСА, над 95% од астероидите со големина на 2001 FO32 или поголеми од него се категоризирани и ниту еден од нив нема да ја погоди Земјата во наредните сто години.

XS
SM
MD
LG