Линкови за пристапност

Жени – полицајки, ги рушат предрасудите и успеваат во професијата


Жени – полицајки, ги рушат предрасудите и успеваат во професијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Се повеќе жени се дел од т.н. машки професии. Таков е примерот со Розита и Марија, кои се дел од полициските тимови во полициската станица во Охрид. Иако важи за релативно машка професија, велат дека рамо до рамо се носат со предизвиците и со нивните колеги мажи.

„Полициската работа за мене беше предизвик. Претставуваше предизвик, една жена да учествува во професија која што е претежно машка. Сите ја третираат како машка професија“ вели Розита Николоска, полицајка.

Розита Николоска, дваесет и осум години e полициски службеник, откако во 1992 година се вработила во полициската станица во Охрид. Но вели дека за разлика од тогаш, денес работите се променети и оти се повеќе жени се дел од полициските тимови. Открива дека луѓето со недоверба на почетокот гледале кон жените полицајки.

„Беше потешко. Луѓето не беа навикнати да гледаат жена полицаец. Мислеа дека ние ќе седиме само во канцеларија“ вели Николовска.

Но, нејзината помлада колешка, Марија Ристеска која три години работи во полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во Охрид, вели дека жените стануваат се похрабри и посилни и оти успешно се снаоѓаат во т.н. машки професии.

„Веќе не е табу тема жена полицаец. Станува нешто нормално и тоа ме радува. Нема реакции од возачите, леле ти си девојка, ќе ме застанеш, или што ќе направиш сега. Буквално не прифаќаат рамноправно со мажите. Кога ќе настапиш професионално и кога ќе си ја работиш работата, полот воопшто не претставува проблем“ вели Марија Ристевска, полицајка.

Марија се одлучила за оваа професија, сакајки да придонесе во развојот на општеството.

„И да бидам вклучена во создавање на побезбедни услови за живот. И тоа беше една од причините зошто се пријавив. Нашата професија е таква што, не знаеме во каков ризик можеме да се најдеме секојдневно“ рече Ристевска.

И двете со охрабрувачки пораки до сите припаднички на понежниот пол, да покажат дека се рамноправни со мажите.

„Да не го сфаќаат како пречка тоа што ова е условно машка професија. Едноставно тоа да им биде мотивација, да влезат во таа професија и да се покажат во најдобро светло. И тоа е предизвикот да се успее во условно речено машка професија“ рече Ристевска.

„Можам да кажам дека ги скршивме сите предизвици, поминавме низ многу тешкотии и маки, но со поддршка од колегите, ние успеавме да се носиме рамо до рамо со нив и да постигнеме резултати како и машките.

Мојата храброст победи и јас сум среќна што успеав во оваа професија. Уште малку бројам до пензија“ вели Николоска.

И Розита и Марија, се грижат за регулирање на сообраќајот низ главните охридски сообраќајници.

XS
SM
MD
LG