По Либерално демократската партија, чии што пратеници од неодамна почнаа да делуваат самостојно во парламентот, односно независно од СДСМ, тоа го направи и Демократскиот сојуз. Александар Кржалоски од Македонски центар за меѓународна соработка, МЦМС, вели дека ова е логичен чекор на помалите партии во владината коалиција, со цел да добијат на поголемо значење, поради тесното парламентарно мнозинство.
„Прашањето е дали ова е за краткорочни побуди за добивање, за она што стандардно се нуди или се прави со помалите коалициони партии, за функционерски места или директорски места во државниот систем или е посериозно поместување и подготовка за следните избори и евентуално прегрупирање во рамките на овој парламент“ вели Кржалоски.
Кржалоски сепак смета дека ова е повеќе подготовка за избори. Но генерално вели ова што се случува не е добро.
„Бидејќи ќе се сведува да не речам на уцени, меѓутоа на натиго дајмиго политика, на дневна основа за мали добивки за секоја од партиите. Како што гледаме веќе се случува со барањето на БЕСА, со личните карти, а слични такви ќе има веројатно и политички и практични основи што СДСМ ќе треба да ги прави“ додава тој.
И аналитичарот, Петар Арсовски вели дека ова е прагматичен потег на помалите партии.
„Дали тоа се врзува со најавите на ВМРО ДПМНЕ за ново парламентарно мнозинство во моментот не знаеме, бидејќи доколу ВМРО ДПМНЕ, создаде ново парламентарно мнозинство не му требаат ниту помали партии, ниту предвремени избори. Туку сами можат да создадат Влада. Мислам дека во моментот се работи повеќе за аполитичко делување, кое ќе им овозможи некаков понезависен политички имиџ и бренд, отколку раслојување на коалицијата“ вели Арсовски.
Ваквата ситуација, дополнително ќе го искомплицира функционирањето на Собранието, кој повеќе од еден месец беше нефункционално, поради неможноста да се обезбеди потребното мнозинство.
„Компромисите кои ќе бидат неопходни за да се задржи парламентарното мнозинство исто така ќе се зголемуваат. Тесното мнозинство и постојаните предизвици со кои се соочува владејачкото мнозинство ќе направат тензиите во Собранието и комплицирањето на функционирањето на коалицијата да остане“ вели Арсовски.
„Мораше да се направи поголем напор од СДСМ, за поширока владина коалиција. И да не сакаа со ВМРО ДПМНЕ, имаа можен партнер во Алијанса на Албанците и Алтернатива и тоа значително ќе ги намалеше овие турбуленции кои ни се случуваат последните месеци, а ќе придонесеше и за функционален парламент. Не знам колку ова вака ќе додржи, но секако не придонесува на решавање на многу проблеми во државата“ вели Арсовски.
Од ЛДП велат дека ќе продолжат да ја подржуваат Владата, додека Павле Трајанов, дека делувањето како независен пратеник е различно од напуштањето на парламентарното мнозинство и оти ДС е дел од него.