Линкови за пристапност

И по десет дена нема одговорни за бегството на Мијалков


Невладините побараа веднаш да се лоцираат пропустите во МВР, АНБ и Обвинителството и да се санкционираат раководните лица. Надлежните остануваат на познатото „истрагата е во тек...“

СКОПЈЕ - И по десет дена сеуште не се знае кој му дојави на Сашо Мијалков и како потоа успеа да исчезне од радарот на полицијата, четириесетина часа да не се знае дали е во државата или не, а потоа мистериозно да се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал и да се прошета пред камерата на една национална телевизија за да се извини на граѓаните и Владата.

Надлежните во своите изјави воопшто не го адресираат настанот, но затоа јавноста и невладините бараат одговори.

Невладините организации Хелсиншки комитет, Коалиција „Сите за правично судење“ и Фондација Отворено општество денеска отворено побараа темелна и брза истрага за институционалните пропусти кои доведоа до бегството на Мијалков и бегството на екс премиерот Никола Груевски, кое исто така е без епилог околу одговорноста. Тие сметаат дека за да има правна држава и функционален систем мора да се утврди одговорноста и да следуваат санкции.

„Сметаме дека е неопходно итно утврдување на одговорност од страна на надлежните органи за настаните кои му претходеа на изрекувањето на пресудата. Истрагата и понесувањето одговорност е од исклучителна важност за градењето правна држава и владеење на правото, поради очигледните пропусти на македонскиот кривично-правен систем. Токму затоа инсистираме на истраги преку кои ќе се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Министерството за внатрешни работи и на Агенцијата за национална безбедност. Соодветно на резултатите од истрагата, бараме да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници“, стои во официјалното заедничко соопштение на овие организации.

Надлежните очекувано молчат. Министерот Оливер Спасовски денеска не откри никакви детали околу истрагата и дали има некаков напредок.

„Целосно се води истрагата во рамките на Јавното обвинителство, сите активности кои сме задолжени да ги спроведеме, да ги прибавиме доказите ги прибираме и доставуваме до Јавното обвинителство, така да кога ќе има законска можност да бидат споделени со јавноста овие детали сигурно дека тоа ќе биде направено“, рече Спасовски.

Премиерот Зоран Заев, министерот Спасовски и шефот на Обвинителството Вилма Рускоска делуваа како раштиман оркестар во своите изјави, кои на моменти беа спротивставени, нелогични и со меѓусебни обвинувања и префрлања на вината. Со нивните изјави отворија повеќе прашња отколку што дадоа одговори на веќе посточеките.

Токму затоа се бара во истрагата да се вклучи и Советот на обвинители.

„ Сите контрадикторни тврдења, изјави во медиумите, целокупното однесување и постапување на Обвинителството за организиран криминал , фрлаат дамка на непристрасноста и стручноста во постапувањето на ова Обвинителство, поради што бараме Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија да спроведе постапка за да се утврди одговорноста за пропустите во постапувањето“, децидни се од невладиниот сектор.

Мијалков исчезна во неделата, на 22 февруари, неколку часа откако Судот, на барање на Обвинителството му одреди куќен притвор. Информацијата за куќниот притвор Мијалков ја доби пред полицајците кои дојдоа на влезната врата во неговиот дом на Водно за да му го врачат решението.

Следуваше потргата која во многу нешта наликуваше на онаа по Груевски која исто така беше неуспешна. Се претресуваа возила, објекти, багажници. Мијалков пропадна во земја. По него беше распишана национална а потоа и меѓународна потерница преку Интерпол.

Во вторникот во 16 часот тој се појави во Обвинителството за гонење на организиран криминал за да го подигне решението за куќен притвор.

Останува нејасно зошто судот му одреди куќен притвор а не затворски како што бараше Обвинителството, зошто Обвинителството ја повлече жалбата на судската одлука, кој обвинител ја имал информацијата за можното бегство 48 часа пред Мијалков да исчезне и која ја споделил со министерот за правда Маричиќ, како Мијалков се прошета низ Скопје за да дојде во Обвинителството и зошто му беше дозволен куќен притвор по стореното бегство на адреса која тој самиот ја избра.

Минатиот петок Мијалков беше прогласен виновен и осуден на 12 години затвор поради нелегалното масовно прислушување, познато во јавноста како случајот „Тврдина Таргет“. Овој пат тој доби притвор од 60 дена и беше спроведен во истражнито затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари каде ќе ја чека одлуката на жалбата која што неговиот адвокатски тим ја достави до Аплеција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG