Линкови за пристапност

Фиоките на полицијата полни со „недоволно докази“


Истрагата за „Јавна куќа“ тапка во место, нов скандал на сексуално вознемирување, „Гевгелија хаб“, жртвите нека се снаоѓаат

СКОПЈЕ - Скандалот „Јавна Соба“ ја извади на површина неподготвеноста на надлежните институции за справување со сексуално вознемирување на недолжни жртви - малолетнички, девојки и жени на социјалните платформи и мрежи. Слики и видео записи од жртви веќе три месеци се разменуваат меѓу членовите на групата „Јавна Соба“ на платформата „Телеграм“ и покрај апелите на јавноста, молбите на жртвите и најавите на надлежните за жестоки казни.

„Одеднаш добив милион пораки и follow requests, инбоксот ми беше полн со машки полови органи. Не знаев што се случува се додека еден не ми ја прати мојата слика која е објавена во „Јавна соба“. Не знаев што да правам и кому да му се обратам од срам. Да, сликата беше моја, мое деколте кое му го имав испратено на поранешното момче пред четири години. Му се јавив, негираше. Се повлеков во себе и не го напуштав домот од срам“, раскажува една од жртвите во скандалот „Јавна соба“, чиј идентитет нема да биде откриен.

Ситуацијата ексалирала, таа пријавила во полиција.

„Неколу месеци подоцна добив закани од анонимен профил на социјалната мрежа Фејсбук. „Ќе те уништам со оваа слика“ - стоеше во инбоксот. Тоа беше премногу и решив да ја пријавам заканата во полиција. Морав се да му раскажам на татко ми и за среќа ја добив неговата поддршка. Ми рекода дека ќе им требаат две недели за да видат кој се крие зад скриениот профил, а за споделената слика дека е моја вина и тука не може ништо да сторат“, вели нашата соговорничка.

Со помош на пријател успева да ја открие ИП адресата на заканувачот и идентитетот. Пријавува во полиција но случајот останува без разврска.

Татко му е полицаец...

„Поранешно момче на моја другарка, манијак кој често пати и неа ја малтретираше, е тој што ми ја испратил пораката. Отидов во полиција, им ги дадов идентитетите и на тој што ми се закани и на тој што ја сподели мојата слика во „Јавна соба“. Ми рекоа дека ќе го приведат во станица и ќе го испрашаат. Следниот ден во полиција ми кажаа дека го привеле, но веднаш потоа го пуштиле бидејќи сликата ја немал во телефонот, (?!), логично, ја избришал. А тој што ми се закануваше не бил ни повикан, зашто наводно немало ништо конкретно во заканата, не навел што точно ќе ми прави и што бара од мене. Татко му е полицаец. Така случајот се заташка, а јас останав и без момчето кое ја прекина врската поради сето тоа што се случи“, раскажува жртвата.

Десетици жртви кои мораа на своите најблиски - семејство, роднини и пријатели да објаснуваат како и зошто се нашле во „Јавна Соба“, а само двајца во притвор и четворица осомничени. Вака кратко може да се сумира случајот „Јавна соба“ и тоа што е направено за повеќе од една година од страна МВР и од Обвинителството, откако скандалот излезе во јавноста.

Жртвите се чувствуваат изневерени од двете клучни институции кои единствено имаат легитимитет да постапат по наводите. Нивното потфрлање во старт, е причина што повторно ни се случува „Јавна соба“ и годинава. Оправдувањето дека одбивањето на дирекцијата на „Телеграм“ да соработува е блед изговор за непостапување. Сексуално вознемирување е сериозно кривично дело со вистински последици. Наместо тоа,уште дебатираме за заспаноста или презафатеноста на органите кога се работи за вакви случаи, и тоа во многу општи термини. Жртвите во меѓувреме се справуваат со многу конкретни проблеми што неретко ги зафаќаат и оние околу нив.

Немотивираност за постапување

Директорката на невладината „Коалиција Маргини“, д-р Ирена Цветковиќ,смета дека за ваквите случаи нема посветеност:

„Истрагата доцни една година и тоа е доволен факт да се чувствуваме незадоволни. Пропуштена е огромна шанса со непостапување на почетокот кога луѓето послободно споделуваа вакви материјали, приватни податоци на жени и вознемирувачки пораки и кога телефонските броеви на членовите во најголем дел беа јавни и видливи за секого. Денес, истрагата е очаен обид да се стигне до последните приклучувачи кон раширената иницијатива на вознемирување и повредување на жени и девојки, обид кој дури не е ни изведен со највисока посветеност, каква што заслужува. Конечно, ние имавме и жртви кои точно знаат кој им ги споделил приватните материјали. Овие девојки имаат и докази, но нивните предмети лежат по неколку месеца во фиоките на обвинителите“.

Цветковиќ вели дека недостатокот на волја и мотивација на полицијата и Обвинителството кои немаат историја и традиција на заштита на девојки и жени од насилство се клучните причини поради кои ни се случува „Јавна Соба“ во континуитет:

„Во едно конзервативно и затворено општество како нашето институциите на системот служат повеќе за одржување на статус кво отколку за грижа и заштита на граѓаните. Тоа е и причината што нашиот народ има огромна недоверба во системот, а овој феномен наоѓа своја рефлексија и кај жртвите. Најголем дел од жртвите решаваат да не ги пријавуваат своите случаи и да бараат заштита на други, најчесто несоодветни, места. И тоа го создава маѓепсаниот круг, жртвите молчат и кријат, институциите тврдат дека нема такви кривични дела бидејќи нема пријави, а злосторниците продолжуваат со своите дејства и се множат и охрабруваат“.

Одговор што никогаш не потфрла: „Истрагата е во тек“

Првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски, на 10 февруари ја потвори изјавата која неколку пати ја даде во јавноста изминатиот период.

„Продолжуваме и понатаму со идентификација на нови лица во делот на „Јавна соба“. Знаете дека двајца од оваа група, креаторот на оваа група и администраторот се приведени. На нив им е одреден притвор. Имаме уште четири кривични пријави за други четири лица и продолжуваме соидентификација и понатаму за останатитеучесници во овој проект“, рече Спасовски.

Четирите нови кривични пријави се новина.Другото е познато - притворените се поврзани со минатогодишниот скандал кога за прв пат се дозна за постоењето на „Јавна Соба“, а тогаш беа идентификувани од неговиот претходник.

На 5 февруари портпаролот на МВР соопшти дека вештачењето на одземените телефони на четворицата проиведени ќе биде завршени во наредните 48 часа.

На нашето официјално барање од МВР за тоа дали вештачењето е завршено и кога и какви пријави се поднесени против четворицата осомничени, не добивме одговор.

И што со жртвите?

„Со „Јавна соба требаше да се бави полицијата, обвинителството, ама и центрите за социјална грижа, образовниот систем, здравствениот систем, Правобранителот, Собранието. Од целиот систем денес во еден мал сегмент со ова се бави полицијата и истото го прави на прилично несоодветен начин“, ни рече Цветковиќ.

Активистките и здруженијата на граѓани сега ја преземаат улогата на органи за гонење, а тоа не е нивна работа.

„Последниве месеци, искрено, ние сме и полиција и адвокати и психолози и социолози и пријатели и семејство со жртвите. Полека и ние прегоруваме во процесот, а поддршка речиси и да нема“, вели Цветковиќ.

„Гевгелија хаб“, логично, кога нема казни

Во меѓувреме домашната јавност дозна за уште еден скандал. „Гевгелија хаб“ - слики и видеа од две жртви од Гевгелија кои се споделувале преку платформите „Вибер“ и „Месниџер“ а ги препраќало исто лице со кого тие порано биле во врска.

Жртвите случајот го пријавиле во локалната полиција пред повеќе од седум месеци, го навеле и идентитетот на лицето кое ги објавило материјалите. Од полицијата - ништо. Од Обвинителството исто така молчи. А објавувачот секојдневно го гледаат на улица во нивниот град.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, на 30 јануаринајави декасе подготвени дополнувања на Кривчниот законик и членот 144 и дека се додаваат кривичните дела „демнење“ и „сексуално вонемирување“ со кои се предвидува максимална затворска казна од три години.


Измените сеуште се во министерството и допрва ќе се разгледуваат од работната група и потоа ќе бидат објавени на ЕНЕР, а според законската процедура, до Владата за усвојување ќе стигнат најрано кон средината на идниот месец. Неофицијално тоа се должи на фактот дека овие две дополнувања одат во пакет со уште неколку измени во Кривичниот законик.

„Во Министерството за правда е завршена работната верзија на предлог измените на Кривичниот законик (КЗ). Се очекува следната недела овие измени да се најдат на проверка и пред Работната група за КЗ, а потоа да бидат поставени на увид на ЕНЕР. По оваа процедура предлог измените влегуваат во процедура за донесување“, соопштија од Правда.

Нов протест на 8-ми Март

Еден ден откако пред нивната влезна врата заврши протестот на невладините организации кој Обвинителството случајно или намерно ја заврши предистрагата која траеше точно една година и поднесоа обвиненија против две лица кои завршија во притвор. Станува збор за креаторот на групата, 32-годишен скопјанец со прекар „Медо“ и 21-годишен скопјанец кој бил администраторот на групата кои минатата година беа идентификувани. Тие се товарат за производство и дистрибуција на детска порнографија, дело за кое е предвивдена минимална затворска казна од пет години.

Во понеделник, на 8 ми март, невладините излегуваат на протестен марш поради инертноста на институтциите и отсуство на казни за скандалот „Јавна соба“.

XS
SM
MD
LG