Линкови за пристапност

Довербата на владата изгласана, кој е победник?


И власта и опозицијата тврдат дека излегле како победници од вчерашното изгласување доверба на владата на Заев

И власта и опозицијата тврдат дека излегле како победници од вчерашното изгласување доверба на владата на Зоран Заев во Собранието со што, според уставот, во наредните 90 дена не може пак да се отвори ова прашање во законодавниот дом. Иако доби поддршка од 62 пратеници, само еден повеќе од потребниот минимум, премиерот е задоволен зашто, како што вели, отстранета е заканата за ново мнозинство што опозициските партии го најавуваа неколку месеци наназад.

„Убаво е мнозинството да е поголемо од 62, ама вака нè држи будни. Верувам дека ќе издржи 4 години. Тоа носи и свои придобивки. Ја користам секоја можност да испратам апел, на ниво на проекти, да застанат колку што може повеќе пратеници од 62. Продолжувам да работам, да афирмирам, да замолам и анимирам, да се приклучат пратеници. Ако успееме, веднаш ќе соопштиме, ако не, 62 е стабилно мнозинство. Тешко беше за време на пандемија, имаме еден болен, еден во самоизолација и немате мнозинство да почнете седница, да носите одлуки“, рече премиерот.

За ДУИ, главниот коалициски партнер на Заев, со вчерашното гласање се демантирале најавите дека опозицискиот табор има сила да оформи ново парламентарно мнозинство.

„Вчера се потврди легитимноста и легитимитетот на оваа Влада, освен што таков легитимитет е добиен од граѓаните на 15 јули. Верувам дека нема да се повторат вакви ситуации, каде што лажно се претставува дека некој друг има мнозинство во Собранието и дека владејачкото мнозинство нема стабилност“, ка Арбер Адеми од ДУИ.

Опозицискиот блок кој, вчера не учествуваше на гласањето, потегот на премиерот сам да побара гласање доверба е знак дека се ближи крајот на Заев.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на Заев дека на неговата, како што рече евтина и популистичка политика, полека но сигурно и се гледа крајот и дека „токму стравот, паниката и слабоста која што власта и Зоран Заев ги покажаа вчера, јасно покажува дека тој не верува ниту во своето мнозинство, ниту пак доволно верува во себе.“

Чекорот на Заев – да ја пресретне опозицијата која најавуваше дека има повеќе пратеници од власта и да добие доверба во парламентот ги актуелизираше повиците на незадоволните структури во ВМРО-ДПМНЕ за оставка на Христијан Мицкоски и актуелното раководство на партијата. „Нема член на ВМРО-ДПМНЕ кој не се почуствува излажан, изманипулиран, потценет. Се виде дека Мицкоски свесно ширел еуфорија дека успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина. Доколку е и од Мицкоски, многу е“, порачаа од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, на социјалните мрежи напиша - „Јасно е, се додека Мицкоски е на чело на ВМРО, Заев ќе си игра мајтап со ВМРО и ќе биде на власт во државата. Мицкоски си оди, Заев си оди!

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG