Линкови за пристапност

Премиерот побрз од опозицијата, Собранието изгласа доверба на Владата


Опозицијата која најавуваше мнозинство и интерпелација ја напушти Собраниската седница и не гласаше. Заев си обезбеди 90 дена мир бидејќи Уставот не и дозволува на опозицијата да поднесе барање за гласање на доверба во наредните три месеци

СКОПЈЕ - Премиерот Заев успеа да ја пресретне интерпелацијата која што ја најавуваше опозицијата и за прв пат во историјата на независна Македонија тој лично побара да се гласа доверба на Владата.

Барањето, очекувано, со 62 „за“, ниту еден против или воздржан мина кај пратениците.

Заев попладнево, сосема неочекувно се појави во Собранието кое што веќе десетина дена не моѓеше да обезбеди кворум и да почне со работа. Иако на дневен ред беа закажани продолженија на неколку седници тој застана на говорницата и усно побара да се гласа за доверба, повикувајќи се на член 217 од Деловникот за работа на Собранието и член 93 од Уставот.

„Ја преземам одговорноста да се соочиме и да расчистиме. Да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот да покажеме пред граѓаните колку има вистина од опизицијата, да видиме за што станува збор стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опизиција. Нема да дозволиме несигурност, неизвесност, сопки, блокади и опструкции. Денес ќе се види дека оваа владина коалиција оди и чекор понатаму во практикувањето на демократијата и нема ништо против пратениците од помалите политички партии на нашата коалиција да го користат легитимното право да делуваат самостојно во парламентот“, рече Заев.

Во своето обраќање ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се „најголемиот кочничар на реформите, мерките и политики што се во интерес на граѓаните“.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ, која во неколку наврати тврдеше дека е блиску или има мнозинство во Парламентот, со остри реакции пред да ја напушти седницата. Тие го обвинија премиерот Заев дека нема храброст да се соочи со нив и да дозволи три дена дебата пред гласањето во која тие би ги посочиле сите пропусти, криминали и аномалии во нивното работење.

„Браво за можноста да го ставите владиното мнозинство на контрола и на тест. Ама УА за изборот на член 217 став 2 за начинот на кој што тоа го правите. Немавте сила, храброст да го поставите по член 214 став 3 и да дозволите три дена расправа тука и да ги кажеме сите аномалии на оваа Влада, туку бегајќи од јавноста три дена не сакате да излезе тоа што во Република Македонија нема вакцини, тоа што имаме најголема смртност во Република Македонија, тоа што вчера министерот за борба со корупцијата во Република Македонија на медиумите им вика јас ве плаќам треба да кажувате јас што кажувам на „Топ тема“. Сакате да избегате од сите коруптивни скандали кои што ги има оваа Влада“, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ.

Според членот 217 од Деловникот, на кој се повика Заев,ако премиерот побара гласање на доверба на Владата, усно на пленарна седница, тогаш за барањето се гласа на самата седница и без расправа. Единствено претседателот на Владата има право на уште едно обраќање пред чинот на гласање.

Според Уставот, откако денеска на Владата ѝ беше изгласана доверба, истото прашање, не може да се постави во наредните 90 дена во Парламентот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG