Линкови за пристапност

Реакции по американските санкции за руски функционери


За прв пат администрацијата на претседателот Џо Бајден презема казнени мерки кон Русија.

Вчера беа воведени санкции неколку руски владини функционери, но не и против претседателот Владимир Путин.

Причина за санкциите е улогата на овие луѓе во обидот за убиство на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Санкциите, кои според дел од експертите во најголем дел се симболични, се воведуваат во координација со Европската Унија која веќе презема мерки против некои руски функционери поврзани со случајот Навални.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека Москва ќе одговори соодветно, а денеска портпаролот на руското министерство за надворешни работи дополни дека одговорот ќе биде „базиран на принципот на реципроцитет, што не мора да значи и симетричност.“

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, додаде дека Русија на санкциите гледа како на штетни за американско – руските односи и како „мешање во внатрешните работи на Русија.“

„Праќаме јасен сигнал на Русија дека има последици од користењето на хемиско оружје“ рече висок американски функционер.

Меѓу санкционираните се Алексеј Бортников, директор на разузнавачката агенција ФСБ; Андреј. Јарин, шеф на директоратот за домашна политика на Кремљ и заменик министрите за одбрана Алексеј Криворучко и Павел Попов.

САД вчера декласифицираа разузнавачки извештај во кој за труењето се обвинува врвната руска разузнавачка агенција ФСБ.

Biden
Biden

„Тонот и видот на однос кој претседателот има намера да го има со Владимир Путин ќе биде значајно поинаков во однос на претходната администрација“ рече портпаролката на Белата Куќа, Џен Псаки.

Навални беше хоспитализиран во август откако се разболе за време на лет во Сибир. Тој беше префрлен во Германија каде лекарите утврдија дека бил отруен. Француски, шведски и германски лаборатории како и Организацијата за забрана на хемиско оружје заклучија дека Навални бил изложен на хемискиот нервен агенс Новичок. Русија отфрли вмешаност.

Навални се врати во Русија на почетокот на годинава и веднаш беше уапсен. Беше испратен во затвор во близина на Москва каде треба да отслужи казна од две и пол години за прекршување на неговото условно ослободување поради лекувањето во Германија.

Администрацијата на Бајден повика на негово ослободување.

XS
SM
MD
LG