Врвните глобални здравствени експерти велат дека ова ќе биде пресвртна точка во борбата со корона вирусот.
Досега најголемиот, најбрзиот и најамбициозниот проект за дистрибуција на вакцини денеска достави 11 милиони дози во Ангола, Камбоџа, Конго и Нигерија. До крајот на мај Ковакс треба да достави 270 милиони дози во 142 држави.
Глобалната иницијатива беше формирана во април за да се осигура дека и посиромашните држави ќе имаат пристап до вакцините. Програмата која би требало да чини 11 милијарди долари е финансирани од држави – донатори, од фондации и од корпорации.
Минатата недела Гана, држава во Западна Африка, стана првата земја која доби вакцини преку Ковакс откако и беа доставени 600 илјади дози од Астра Зенека.
Оваа недела и Брегот на Слоновата коска ги доби првите дози.
„Ги видовме првите вакцинации во Африка, во Гана и во Брегот на слоновата коска, во двете земји имаше навистина трогателни церемонии“ изјави директорката на УНИЦЕФ, Хенриета Фор. “Единствениот излез од оваа пандемија е да се осигура вакцинација низ целиот свет, граѓаните во посиромашните држави да не бидат изоставени и да бидат заштитени“ додаде таа.