Линкови за пристапност

Интервју со Шеќеринска – Северна Македонија и САД се стратешки партнери кои споделуваат исти вредности


Новиот меморандум за соработка во одбраната меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави ја одразува новата реалност, вели министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во интервју за Гласот на Америка.

Глас на Америка: Министерке, минатата недела потпишавте нов договор за соработка во одбраната со САД, со помошник секретарот за одбрана на САД, Мара Карлин. Што предвидува овој договор?

Северна Македонија и САД се стратешки партнери кои што тоа партнерство го градат врз база на исти вредности и исти цели во регионот, мир, стабилност и просперитет.
Радмила Шеќеринска, министерка за одбрана

Радмила Шеќеринска: Меморандумот за разбирање кој пред повеќе години е потпишан помеѓу Македонија и САД е договор на стратешки партнери. Меморандум за разбирање кој подразбира, соработка на две земји, кои споделуваат исти вредности и исти приоритети. Тој дел останува ист.

Северна Македонија и САД се стратешки партнери кои што тоа партнерство го градат врз база на исти вредности и исти цели во регионот, мир, стабилност и просперитет. Но сега имаме и дополнителна димензија која ја додаваме во меморандумот за разбирање, а тоа е дека станува збор за веќе две земји сојузници во рамките на НАТО Алијансата.

Тоа значи дека меморандумот за разбирање, сега ја пресликува и ја одразува новата реалност. А, тоа е дека нашето стратешко партнерство е стратешко партнерство на две земји, кои што се членки на најмоќната воено-политичка Алијанса.

Глас на Америка: Армијата на Република Северна Македонија доби над 1200 парчиња автоматски пушки М-4, кои се донација од Соединетите Американски Држави. Од каква помош ќе биде истата?

САД, навистина многу помогнаа, но и ние покажавме дека сме подготвени да инвестираме во наша безбедност и наш одбранбен систем.
Радмила Шеќеринска, министерка за одбрана

Радмила Шеќеринска: Низ различните форми на воена финансиска помош кон нас, САД, насочиле околу 150 милиони долари. Осумстотини офицери и војници се школувани и обучувани на Американските воени високо образовни институции.

Ова е еден дел од програмите кои се наменети за поддршка на нашата модернизација и подразбира обезбедување на конверзијата од еден калибар 7.76 на НАТО стандардниот калибар. Заедно со овие над 1.200 автоматски М4 пушки, ние веќе добивме и претходни количини кои беа наменети за нашите специјални сили, меѓутоа исто така и дополнителна опрема која ја добивме или ќе ја добиеме во тек на 2021 година или 2022 година. Ова е мал дел од вкупната финансиска поддршка, која е насочена кон одбранбената соработка.

Ако ме прашате, која е главната тема на меморандумот за разбирање, главната тема е како да бидеме интероперабилни. Што значи тоа. Тоа значи како САД и Северна Македонија, полесно да соработуваат во вежби, како полесно да соработуваат во НАТО операции и како тоа да го направиме да биде поттиканто и со слична опрема и со иста муниција, ист калибар, иста обука и вежби. Оваа последна донација ги бутка работите во тој правец, да се изедначиме во поглед на платформите и стандардите кои ги користиме. Но морам да кажам дека и како земја членка на НАТО, но и како земја која три декади е самостојна, се трудиме целата оваа воена реформа, да ја сведеме на очекување од донации.

САД, навистина многу помогнаа, но и ние покажавме дека сме подготвени да инвестираме во наша безбедност и наш одбранбен систем. Заедно со овие средства кои ги добиваме, ние и вложуваме. Оваа година за првпат како држава, 25% од целиот одбранбен буџет го насочивме кон модернизација. И затоа очекуваме во 2022 година првите американски оклопни возила, да бидат дел од формацијата на македонската армија. Тоа е тоа сојузништво или партнерство. И ние ги правиме клучните чекори и САД помагаат побрзо да ја достигнеме целта.

Глас на Америка: Кој ќе биде бенефитот за нашата земја од овој меморандум? Што ќе добиеме ние, а што ќе понудиме во таа соработка?

Во моментот Северна Македонија ги подржува НАТО операциите во Авганистан, каде е исто присутна САД, но и КФОР на Косово, каде што исто така се присутни американски сили.
Радмила Шеќеринска, министерка за одбрана

Радмила Шеќеринска: Меморандумот за разбирање, се базира на реалноста, а тоа е дека ние и сега како земја членка на НАТО, веќе придонесуваме во нашите заеднички цели. Што значи тоа. Тоа значи дека во моментот Северна Македонија ги подржува НАТО операциите во Авганистан, каде е исто присутна САД, но и КФОР на Косово, каде што исто така се присутни американски сили. Ние придонесуваме, со тоа што е најважно, а тоа е човечка сила и опрема за да НАТО операциите бидат реалност. Ние како земја членка на НАТО, веќе ги добивме првите предлог цели на способности. Тоа значи дека ние во 2022 година, точно се знае што од нашите воени сили ќе го декларираме како НАТО капацитет. И тоа не е нешто што сами го одлучуваме, туку НАТО, го дефинира како очекување од нас.

Имаме неколку тимови на специјални сили, но главна е лесната пешадија, која е лоцирана во Штип и во која ќе дојдат и овие М4 пешадиски пушки, за да ја поттикнеме модернизацијата на оваа единица. Значи во меморандумот за разбирање, тоа го кажуваме, ние ќе продолжиме да придонесуваме во НАТО, ќе го зголеми тој придонес, а за тоа ќе добиеме помош од клучната држава во НАТО Алијансата.

Глас на Америка: Потпишувањето на овој договор доаѓа во време кога Кина и Русија, имаат засилена, како што многу експерти велат, дипломатија со вакцини на Балканот, што на регионот им треба. Ваш коментар за позицијата на државата во однос на балансирањето на тие потреби и стратешки интереси?

Во однос на прашањето со вакцините, ова е битка во која ние се трудевме да не гледаме политика, туку се трудевме час поскоро да најдеме вакцини кои се на располагање.
Радмила Шеќеринска, министерка за одбрана

Радмила Шеќеринска: Ако зборувате за геостратешко и геополитичко балансирање, мислам дека ние како држава не сме ја избрале политиката на балансирање. Ние сме се определиле за опција и позади таа опција застанале огромно мнозинство на македонските граѓани од моментот на нашата независност до денеска. Не постои релевантна анкета, за расположението на граѓаните, која не покажува дека поддршката на нашето членство во НАТО е над 70%. И тоа значи дека ние сме кажале каде припаѓаме и во поглед на вредностите и во поглед на амбициите и во поглед на работите на кои им даваме приоритет. Тоа не не спречува да имаме соработка на одредени теми и со држави кои не се дел од НАТО. И ние тоа го покажавме.

Во однос на прашањето со вакцините, ова е битка во која ние се трудевме да не гледаме политика, туку се трудевме час поскоро да најдеме вакцини кои се на располагање. И не е лесно да ги добиете ниту западните производители на маса, за една држава која има мало население, а не е лесно да ги добиете ни овие произведувани во Русија и Кина. Но, во поглед на геополитичките теми, ние седиме на една маса, на која и нашиот глас веќе има вредност. На иста маса сме еднакви со останатите по можноста да одлучуваме и сме една од земјите, која секогаш се залага, дека клучниот тест на силата на НАТО е единството.

Што е пообединета Алијансата, толку е поголема и нејзината сила. И по прашање за справување со предизвиците и по прашање за справување со оваа геостратешка битка или конкуренција.

XS
SM
MD
LG