Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) ја поддржаа вакцината на Johnson & Johnson и дадоа препорака за нејзино користење за луѓето над 18 години.
Препораките на CDC не се обврзувачки но се многу почитувани од медицинските институции и професионалци. Директорката на CDC, Рошел Валенски, исто така ги потврди препораките.
Ова доаѓа еден ден откако Администрацијата за храна и лекови формално ја одобри употребата на вакцината која се состои од една доза.
Речиси 4 милиони дози на оваа вакцината ќе бидат дистрибуирани веќе утре. Ова е трета вакцина одобрена за користење во САД и ќе биде распределена меѓу сојузните држави во зависност од бројот на нивното население, на ист начин како што се прави и со вакцините на Pfizer-BioNTech и Moderna.
Здравствените власти во САД со нетрпение ја очекуваа оваа вакцина зашто за неа е потребна само една доза, апелираа до Американците да ја примат било која достапна вакцина потенцирајќи дека сите три се докажано безбедни и ефикасни.
Вакцината на Johnson & Johnson има ефикасност од 85% во спречување на сериозна болест, хоспитализација или смрт од Ковид-19. Вакцината нуди заштита дури и во земји каде е присутна јужноафриканската варијанта на вирусот.
Johnson & Johnson исто така побара итно одобрување за вакцината и во Европа и од Светската здравствена организација.