СКОПЈЕ –Серија индиректни обвинувања за другите институции, вина во системот кој не бил целосен и двојни аршини. Ова се клучните поенти од обраќањето на првиот човек на полицијата Оливер Спасовски речиси два дена по бегството на Сашо Мијалков. Тој кажа дека не чувствува одговорност и нема да поднесе оставка бидејќи тоа би било победа на криминалците а проценките и анализите на МВР се дека Мијалков сеуште ја нема напуштено државата.
И по 48 часа без прецизни информации што точно се случувало викендов и без одговори на клучните прашања – кој го предупредил Мијалков и кога точно побегнал.
„Во неделата во 14.30 часот го лоциравме Мијалков во друштво на три машки и едно женско лице како влегува во подземната гаража на хотелот „Мериот“. Во 15.05 часот од гаражата излегоа три возила но немаше потврда дека Мијалков е во возилото. Се упатија кон Водно, Полициски тимови имаше околу хотелот „Мериот“ и куќата на Водно“, рече Спасовски.
Вината за бегството Спасовски ја лоцира во системот кој не бил надграден. Не даде одговор зошто тогаш системот и по две години од бегството на Никола груевски останал ист.
„Оставка значи повлекување и дефанзива. Не не смееме да се повлекуваме. Затоа реков дека мора да го консолидираме системот. Прстот мора да го впериме во системот. За да се чувствува одговорност треба да направите намерен пропуст или да не постапите. МВР постапува со сите расположиви средства. Барајте ја одговорност во непостоењето на целосниот систем“, рече Спасовски.
Како се движела информацијата дека се подготвува бегство. Спасовски потврди дека го брифирала шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска. Тој го известил премиерот Заев, директото на Бирото за Јавна безбедност (БЈБ) , Сашо Тасевски, републичкиот обвинител Љубомир Јовески и директорот на Агенцијата за нациконална безбедност (АНБ), Виктор Димовски.
Но, во своето обраќање и одговарајќи на новинарски прашања прстот го впери токму во обвинителството за гонење на организиран криминал. Обвини за двојни аршини.
„ Моите информации говорат дека двајцата обвинители кои го водеа случајот претходно се консултирале и барале дозвола за да побараат притвор. Знам дека обвинителите во петокот ја знаеле оваа информацијата и ја пренеле на член на Владата дека има можност за бегство на Мијалков. Дали во завршните зборови во петокот можело да се бара притвор. Имало индиции, поседува имот и има пари. Во „Монструм“ се побара за разлика од овој случај“, кажа Спасовски.
Амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, нагласи дека ја следат ситуацијата по бегството на Мијалков и она што се случува на терен.
„Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Навистина имаме соработка. Се работи за случај што во моментот се одвива. Во иднина доколку има нови случувања ние ќе бидеме достапни за коментар“, рече амбасадорката Брнз од армискиот полигон „Криволак“.
Од Стејт Депрамнетот, веднаш по обзнанувањето на бегството, соопштија дека одблуску ја следат ситуацијата и развојот на настаните.
Вицепремиерот и министер за одбрана, Радмила Шеќеринска, најави политичка и кривична одговорност за бегството на Мијалков.
„Ова не се случило само заради некој превид, се случило очигледно заради тоа што некој од малкумината што знаеле, ја споделил таа информација со човекот кој требаше да се соочи со правдата. Пред ова бегство ниту Владата , ниту правосудните органи, ниту државата не смее и нема да затвори очи и реакциите во јавноста и во институциите покажаа дека сите ќе бараме одговори.Органите ќе мора да дадат одговор на прашањето кој го информираше Мијалков, кој го обезбеди и овозможи неговото бегство“, изјави Шекеринска.
Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ, повторно со серија обвинувања за спрега меѓу премиерот Заев и бегалецот Мијалков. „Мафијата има своја држава“ е ставот на партијата која побара поддршка од сите парламентарии партии за изгласување на недоверба на Владата.
„Ја погребаа правната држава. Дозволија да им избега пред очи, затоа што така се договорија. Сите на купче без институциите кои што ги заробија, се обични кукавици. За жал Спасовски не најде храброст да излезе и да им се обрати на граѓаните. И затоа денес Заев не смислувај изговори. Целиот наш народ очекува детално објаснување. Јавното обвинителство, Судот, МВР се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај.Нема компромиси со правдата и одговорноста. Одговорност мора да има бидејќи граѓаните ја бараат правдата и правдата мора да се обезбеди“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО – ДПМНЕ.
Алтернатива и Алијанса за Албанците поднесоа интерпелација за министерот Спасовски во Собранието поради бегството на Мијалков, за кое се сметаат дека е поддржано од власта и побараа спикерот Џафери веднаш да свика седница на Собранието.
Facebook Forum