Повеќе од 25.000 билети, досега се продадени, како дел од акцијата „Купи билет за спас на Вардар“, на навивачката група Комити.
Собрани се околу 30000 евра. Но за спас и опстанок на најтрофејниот македонски фудбалски клуб, ќе бидат потребни многу повеќе средства, и се разбира добра волја од повеќе страни, клубот да застане на здрави нозе. Сето ова се случува откако Вардар, западна во финансиски лоша ситуација, по заминувањето на русинот, Сергеј Самсоненко, за главен спонзор, иако тој се уште формално правно го има мнозинскиот пакет акции во клубот, според договорот со град Скопје.
„Ако не беше иницијативата на вардаровите навивачи Комити, Вардар денес можеби и немаше да почне со тренинзи. Се нафативме да помогнеме во оваа ситуација и јас и стручниот штаб“ вели Никола Илиевски Џиџи, тренер на Вардар.
И додека останатите екипи, подолго време се подготвуваа за есенскиот дел од шампионатот, Вардар деновиве е само на мини подготовки во Охрид. Дополнителен проблем е што новиот тренер, Никола Илиевски Џиџи, кој втор пат се враќа на чело на тимот, на располагање има само неколку искусни играчи, а останатите се од младинските школи.
„Вардар е во една тешка ситуација. Ако не можете да донесете нови играчи, засилувања, а ви заминуваат постоечките, значи сме во дефицит со седум-осум играчи кои заминаа, а немаме можност да донесеме нови, поради забраната. Поради тоа сигурно е дека се соочуваме со проблем“ вели Илиевски – Џиџи.
Помеѓу оние кои решија да помогнат е и фудбалерот Дејан Блажевски.
„Има само едно решение, а тоа е да се платат долговите. Тоа е најголемиот проблем“ вели Дејан Блажевски, фудбалер на Вардар.
Блажевски жали за моменталната ситуација во која се наоѓа клубот.
„Без Вардар, македонската лига нема смисла. Не знам колку ќе се издржи вака и колку ќе трае ова, затоа што веќе е дојден крајот. Мора да се најде начин да се среди ситуацијата“ вели Блажевски.
Но дека не е се така црно, говори фактот, што охридските хотели, Аквалина и Нова Ривиера, решија бесплатно да ги угостат фудбалерите и целиот стручен штаб, како дел од акцијата за спас на Вардар. Велат сакале да му помогнат на клубот во овие тешки времиња.
„Вардар е институција за Македонија и мислам дека некој требаше да му овозможи да има подготовки. Вардар за Македонија е исто како Баерн Минхен во Германија. Се надевам дека ќе ја помине оваа криза, ќе се средат работите и ќе го гледаме Вардар во Лига на шампиони за две-три години“ вели Ангел Анѓелески, менаџер на хотелите Нова Ривиера и Аквалина.
Вардар е формиран далечната 1947 година.