За новинарот, Бранко Героски, ова треба да биде само почеток во симнување на челичната завеса помеѓу двете земји, која постоела повеќе од 70 години, во однос на размената на информации.
„И ние во Македонија од тие причини, практично не знаеме ништо, или малку знаеме за Бугарија, воопшто за внатрешните состојби, за културата. Се надевам дека следењето на бугарскиот јавен сервис тоа до некаде малку ќе го промени“ вели Героски.
Но, Героски, предупредува дека мора да се биде внимателен, со оглед на актуелните релации помеѓу две држави. Инаку со договорот кој неодамна го постигна специјалниот пратеник во преговорите со Бугарија Владо Бучковски, со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, и сателитскиот канал на МТВ, ќе почне да се гледа во Бугарија.
„Постои еден објективен страв дека БНТ, би можела да биде искористена од националистичките кругови во Бугарија, кои се сега на некои начин доминантни, за ширење на анти-македонска пропаганда и тоа е реална можност. Присуството на МТВ во бугарскиот етер, какво и да биде, мислам дека ќе придонесе сериозно за симнување на заблудите во бугарската јавност, каде постои доминантно мислење дека Македонците се неосознаени Бугари, и дека потребно е малку труд и време ние во Македонија да ги осознаеме и признаеме своите бугарски корени“ вели Бранко Геровски, новинар.
И претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вели дека ова е добар чекор во односите меѓу двата соседа, но вели ако започне антимакедонска кампања преку државниот сервис, тогаш целта ќе биде промашена.
„Ако започнат такви активности, тогаш сигурно дека ќе се преиспита можниот договор за реемитување на програмата од БНТ. Мојата идеја е граѓаните да бидат објективно информирани за состојбите во Бугарија, за ставовите кои ги имаат Бугарите, НВО, преку тие дебатни емисии. Да има можност и од овде, претставници од политичкиот живот и невладиниот сектор, да учествуваат во некакви дебатни емисии“ вели Павле Трајанов, претседател на ДС.
Ова е национално самоубиство, вели поранешната пратеничка Лилјана Поповска.
„Во денешно време на глобализација секој медиум е достапен. Но лоша е пораката да му отстапите официјално медиски простор на некој кој ве негира, понижува и буквално го блокира вашиот развој како држава. Вие со ова му давате за право и му ја јакнете позицијата, а си ја слабеете позицијата на Македонија, на Македонците и на сите македонски граѓани“ изјави Лилјана Поповска, поранешна пратеничка.
Поранешниот Амбасадор, Ристо Никовски, вели дека ова е добар момент, но оти е потребна поширока соработка меѓу двете земји на информативен, спортски и културен план.
„Но овие политики и оваа агресија, која ја води официјална Софија кон Македонија, дефакто ги затвора сите тие можности. Софија цело време не обвинува, дека имало некаква омраза кон нив. Тоа е апсолутно неточно. Но после ова кога не негираат дека постоиме како народ, дека немаме јазик, тоа ги затвора сите канали, сите врати за некакво подобро разбирање меѓу двата народа“ вели Никовски.
Бучковски неодамна изјави дека БНТ и МТВ, треба да ја смируваат атмосферата меѓу двете земји.