Линкови за пристапност

Инфектологот Наунова е првата која се вакцинираше против Ковид-19


Денеска ќе биде вакциниран целиот пероснал на Инфективната клиника а потоа здравствените работници од Ковид центрите во Скопје. Здравстевниот систем функционира, смета Филипче. Следната недела пристига нова пратка од „Фајзер“. Со вакцинацијата стартува кампања за подигање на свеста кај граѓаните

СКОПЈЕ - Примариус д-р Добринка Наунова Јовановска - специјалист за неуроинфекции од Инфективната клиника е првиот вакциниран против Ковид – 19 во Северна Македонија. Веднаш по неа вакцината ја прими нејзината колешка, главната сестра Габриела Темелковска. Тие ја примија вакцината во Модуларната болница која е првиот вакцинален пункт и каде ќе се вакцинираат здравствените работници кои се на првата борбена линија и кои работата со пацинети заболени од коронавирус.

Доктор Наунова смета дека ќе биде далеку позаштитена од оние кои нема да примат вакцина и им порача на граѓаните да го следат нејзиниот пример.

„Ја примив вакцината и се чувствувам одлично. Самото аплицирање на вакцината е безболно и сакам да препорачам секој од нас кој е во оваа држава да прими вакцина, по сопствен избор нормално. За мене ќе биде една голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од оние што не примиле вакцина. Индивидуално е кој колку ќе развие антитела, меѓутоа воглавно 95% е заштитната моќ на оваа вакцина и јас се надевам дека ќе бидам во тие 95% заштитени, и тоа е она што дава некоја сигурност за понатаму“, изјави др. Наунова која нагласи дека имунитетот се стекнува за две до три недели период кој му е потребен на организмот да генерира заштитни антитела.

Темелковска пак смета дека со вакцинацијата ќе се враќањето во нормален живот, оној како пред извивањето на пандемијата.

„Се чувствувам одлично и ги поканувам сите да се пријават да се вакцинираат. Секако дека се чувствуваме посигурни, со вакцинацијата ќе се намали и бројот на новозаболени и ќе почнеме да се враќаме во нормален живо.“ рече Темелковска.

Денеска и официјално статуваше процесот на имунизација а до крајот на денот се очекува да бидат вакцинирани 260 здравствени работници меѓу кои е и комплетниот персонал на Инфективната клиника

„Следат и вработените во сите КОВИД центри, најпрво во Скопје: ГОБ 8 Септември, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники - сите коишто работеле и сѐ уште работат со ковид пациенти. Понатаму, за време на викендот и болниците ширум државата, како и приватните болници“, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Тој најави дека нова пратка од 4.000 вакцини од производителот „Фајзер“ ќе пристигне идната недела со што ќе бидат опфатени сите четири илјади здравствени работници пријавени за првиот бран.

Филипче е задоволен од начинот на кој се врши пријавувањето на вакцинацијата и смета дека здравствениот ситем функционира.

„Системот добро функционира. Започнува со земање анамнестички податоци, краток преглед, административната работа, внесување на податоците за веќе закажаниот термин и закажување на следниот термин за ре-вакцинацијата после три недели и тоа интензивно се спремаше во овие изминати денови. Тука е поставена целата инфраструктура, дел од вакцините се чуваат и во овие фрижидери во модуларната болница. Може да седат до 5 дена на температура од 2 до 8 степени, после што се раствораат и во рок од 5 часа мора да се аплицираат на тие што ја примаат. Посакувам успешна имунизација, направивме организација - еднаш кога ќе започне имунизацијата да не запре. Ги очекуваме и следните количини според најавите и верувам дека во следните месеци ќе имаме навистина успешен процес на вакцинација“, рече Филипче.

Паралелно со вакцинацијата стартува и кампањата за подигање на свеста кај граѓаните.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG