ТАБАНОВЦЕ- Вкацинацијата против Ковид-19 во Северна Македонија конечно може да почне. Србија испорача дел од најавената донација на вакцини од производителот „Фајзер“. Станува збор за 4.680 дози доволни за вакцинација на 2.340 лица.
Вакцините беа доставени на граничниот премин „Табановце“ а на примопредавањето премиерот Зоран Заев и претседателот на Р.Србија Александар Вучиќ ги предводеа двете делегации.
„Како израз на драгоцен чин на пријателство Р.Србија денеска солидарно споделува дел од своите вакцини. Ова е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека стигнат вакцините што ние ги нарачавме. Оваа планетарна криза го извади најдоброто од човештвото. Пандемијата покажа дека сме поврзани со најдобрите вредности. Оваа солидарност и поддршка е израз на традицијата во регионот, правата рака на помош да се подаде кон најблискиот - кон соседите“, рече премиерот Заев.
Српскиот претседател Александар Вучиќ објасни дека тие имале билатерален договор со „Фајзер“ според кој не смееле да ги отуѓуваат добиените вакцини и затоа процедурата се пролонгирала.
„Среќен сум што ја дадовме донацијата. Можевме ова да го направиме и пред десет дена но имавме многу проблеми со добивање на дозволата. Тоа се многу стриктни процедури и на крајот им сме благодарни на луѓето од „Фајзер“ кои ни двозолија и ни овозможија донацијата да се случи. Но мораше да се поминат неверојатно комплексни процедури за да не трпиме санкции. Среќен сум што македонските граѓани ќе почнат со имунизација, среќен сум што можевме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели. Ние немаме никакви аспирации. Нас не интересира само пријателството. Ова е обичен поклон“, рече српскиот претседател Вуќич.
Вакцинацијата почнува во среда а први ќе бидат вакцинирани задравстени работници кои работат во т.н. „црвени зони“ и се на првата борбена линија во битката со пандемијата на Ковид-19. Досега 4.000 здравствени работници се пријавиле ддека сакаат да бидат вакцинирани. Од нив половината работата во Скопје а другите се во останатите медицински центри низ државата.
„Оваа криза покажа дека солидарноста е важна и дека не постојат граници. По најавата во петокот вечерта на „Фајзер“, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека фрижидерите во кои ќе се чуваат вакцините на температура од минус 80 степени се подготвени и се наоѓаат на Институтот за трансфузиологија а персоналот обучен.
Засега нема прецизен датум кога ќе пристигнат 200 илјади дози на кинескиот производител „Синофарм“ кои Владата ги порача и ги плати.
Според националниот план за вакцинација процедурата налага апликации кои ќе пристигнат да бидат внесени во дата база во која увид ќе имаат матичните лекари кои потоа треба да ги повикаат и информираат своите пациенти за тоа кога и каде ќе се вакцинираат на пунктот кој веќе го избрале при регистрацијата. На ова реагираа дел од матичните лекари врз кои паѓа најголемиот дел од товарот со образложение дека веќе имаат огромен волумен на работа.
Според планот, кога и да почне вакцинацијата, ќе се одвива во четири фази. Во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници во јавното и приватното здравство кои работат со Ковид-пациенти и сите граѓани над 70 години. Станува збор за бројка од околу 14.200 здравствени работници и над 170 илјади лица кои имаат над 70 години.
Во втората фаза ќе се вакцинираат здравствените работници со умерен ризик, вработени во витални институции, лица над 65 години и помлади ако имаат коморбитети а во третата фаза ќе се вакцинираат сите останати кои ќе се пријават.
Надлежните ќе го следат примерот на повеќе држави во светот и најверојатно, вакцината на „АстраЗенека“ која ќе биде достапна преку Ковакс системот нема да се дава на лица над 65 години. Засега нема солуција доколку граѓаните не сакаат да примат одреден тип на вакцина.
Facebook Forum