Раководствата на Светската здравствена организација (СЗО) и на УНИЦЕФ апелираат за зголемување на производството на вакцини за Ковид-19 и за еднаква дистрибуција велејќи дека глобалната распределба е застрашувачки нееднаква.
„Од 128 милиони дози на вакцина администрирани до сега, повеќе од три четвртини се во само десет држави кои располагаат со 60% од глобалниот БДП“ наведоа директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и директорката на УНИЦЕФ, Хенирета Фор во заедничко соопштение.
„До денес, речиси 130 држави со над 2.5 милијарди луѓе се уште не добиле ниту една доза“ се наведува во соопштението.
За овие земји тоа значи загуба на човечки животи и економски последици, но така се создаваат и услови за вирусот да мутира и да стане отпорен на вакцините. Поради ова глобалното економско закрепнување исто така ќе биде забавено.
СЗО и УНИЦЕФ апелираат владите да гледаат и надвор од своите граници и да развијат стратегија за вакцинирање која ќе и стави крај на пандемијата и ќе ја спречи појавата на нови варијанти на вирусот.
Препорачуваат најпрвин да бидат имунизирани здравствените работници и луѓето од ранливите категории во целиот свет.
Директорите на СЗО и на УНИЦЕФ исто така апелираа производителите на вакцините да ги алоцираат ограничените количини со кои располагаат на фер начин и да овозможат трансфер на технологијата со цел и други компании да почнат со производство и да помогнат во зголемување на глобалната достапност на вакцини.
„Ковид-19 покажа дека нашите судбини се нераскинливо поврзани. Што и да се случи, да победиме или да изгубиме, тоа ќе го направиме заедно“ се наведува во заедничкото соопштение од СЗО и УНИЦЕФ.