Линкови за пристапност

Шефот на европската дипломатија обвинет дека западнал во стапица на руската пропаганда


Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел наиде на критики по неговата посета на Москва.

Претходно дел од земјите – членки на ЕУ побараа да биде откажана зашто се плашеа дека Кремљ ќе ја искористи посетата во своја полза.

Неговите критичари, меѓу кои и поранешниот белгиски премиер Гај Верхофстат, велат дека најголемите стравови станале реалност за време на заедничката прес – конференција со рускиот премиер Сергеј Лавров.

Само неколку моменти пред прес конференцијата Кремљ соопшти дека ќе протера тројца дипломати од ЕУ, од Германија, од Полска и од Шведска, поради наводно учество во протестите за поддршка на Алексеј Навални, објава која можеби беше темпирана за да го понижи Борел.

Борел, кој замина за Москва на сопствена иницијатива во прва висока посета на претставник од ЕУ во последните четири години, сега е сериозно критикуван.

„Прес конференцијата беше лекција за надменост и за неуспех“ напиша шефот на Дојче Веле за Источна Европа, Кристијан Трипе. „На моменти Борел делуваше како да е приклештено, неподготвено учениче. Лавров е познат по тоа што не отстапува ниту сантиметар пред партнерите со кои преговара, но овој пат тој успеа и да му го одземе политичкото достоинство на Борел“ додаде тој.

Пред прес конференцијата Борел, кој е поранешен министер за надворешни работи на Шпанија, ги предупреди руските колеги дека односот кон Навални ги донесе односите ЕУ – Русија на ниско ниво и ги повтори барањата на ЕУ за ослободување на Навални.

Таа порака беше поткопана кога Борел му кажа на Лавров дека ниту една земја – членка на ЕУ досега не побара дополнителни санкции за Русија, тврдење за кое други претставници од ЕУ велат дека е непрецизно.

Посетата на Борел, која беше планирана пред да избијат протестите за ослободување на Навални во над 100 градови низ Русија, ги подели членките на ЕУ. Некои лобираа да биде откажана плашејќи се дека тајмингот ќе ја разоткрие немоќта на ЕУ.

Од друга страна балтичките држави заедно со Полска и Романија побараа за воведување на нови санкции кон Русија.

Борел е критикуван и зашто молчел додека Лавров ја нарекол ЕУ „партнер на кој не може да се потпреш“ и ги обвини европските лидери дека лажеле за Навални, отфрлајќи го заклучокот на западните земји кој е лабораторски потврден во Германија, а тоа е дека Навални бил отруен со нервен агент.

Официјални лица во САД јавно не го критикуваа дипломатот, но дел од нив за Гласот на Америка велат дека имале сериозни сомнежи пред тој да замине за Москва и дека веруваат дека тој западнал во замка подготвена од Кремљ.

И други поранешни дипломати излегоа со критики.

„Борел се посрамоти себе си при неговата несмасна посета на Москва“ напиша на Твитер поранешниот британски дипломат Дејвид Кларк.

Од друга страна Борел уште еднаш застана во одбрана на својата контроверзна посета на Москва.

„Дипломатските канали мора да останат отворени, не само за разрешување на кризи и инциденти, туку и за да имаме директна размена, да испратиме цврсти и искрени пораки, особено кога односите се далеку од задоволителни“ рече тој во претходно подготвена изјава.

Претставници на ЕУ излегоа со соопштение во кое велат дека министрите за надворешни работи ќе дискутираат „за можни натамошни мерки“ за Русија кога ќе се сретнат на 22 февруари.

XS
SM
MD
LG