Во своето обраќање на дебатата „Северна Македонија на прагот на Европа“ организирана од Атлантскиот совет тој рече дека двете земји се пријатели и дека треба да гледаат кон иднината.
Верувам дека ќе најдеме решение веднаш по изборите зашто станува збор за смешен проблем, пријателите не треба да се блокираатЗоран Заев, претседател на Владата
„За жал поради непринципиелната позиција на нашиот сосед Бугарија, првата меѓу владина конференција не се одржа. Позицијата на нашиот сосед Бугарија не беше баш пријателски ориентирана но верувам дека бидејќи изборите се многу бргу во Бугарија, некогаш ние политичарите не сме многу прагматични кога имаме избори пред нас. Верувам дека ќе најдеме решение веднаш по изборите зашто станува збор за смешен проблем, пријателите не треба да се блокираат“ рече премиерот Зоран Заев.
Сепак, премиерот уште еднаш потенцираше дека за некои теми нема и не може да се дискутира.
Дискусија околу идентитетските атрибути и генезата на нашиот јазик е навистина анахрона и спротивна на европските и атлантските вредности и на меѓународното правоЗоран Заев, претседател на Владата
„Преку некои наши црвени линии не може да се помине. Бугарија разбира дека имаме суверено право, право на само идентификување да се чувствуваме како Македонци и да зборуваме на нашиот македонски јазик... Немаме претензии кон нашите соседи или други земји. Да бидам попрецизен – дискусија околу идентитетските атрибути и генезата на нашиот јазик е навистина анахрона и спротивна на европските и атлантските вредности и на меѓународното право. Немаме намера да дискутираме за тие теми“ рече премиерот Зоран Заев.
Во меѓувреме, вели премиерот, нашата земја ќе продолжи да гради мостови, да работи на подобрување на инфраструктурата и на јакнење на соработката во сите сектори – образование, здравство, спорт, култура и други сфери.
Во однос на новата американската администрација Зоран Заев рече дека очекува да продолжи и да се засили поддршката од Вашингтон за европската интеграција на целиот Западен Балкан зашто, како што потенцираше, стратешки интерес на САД е стабилен регион, а долгорочна стабилност обезбедува единствено членството во НАТО и во ЕУ.
Отворени сме за предлозите на опозицијата, но треба да се има предвид дека на лето ниту една земја не прави пописЗоран Заев, претседател на Владата
Претстојниот попис ќе биде спроведен според европските критериуми, рече премиерот кој додаде дека е подготвен на разговор за ова прашање, но дека нема голем простор за негово одложување како што бара опозицијата.
„Отворени сме за предлозите на опозицијата, но треба да се има предвид дека на лето ниту една земја не прави попис зашто граѓаните не се дома, а во септември имаме кампања за локалните избори. Можеме да одложиме само до крајот на април или крајот на мај. Доколку има предлог од опозицијата, подготвени сме“ рече Заев.
Поранешниот секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, кој имаше воведно обраќање на дебатата, го потенцираше значењето на Преспанскиот договор за деблокирањето на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.
„Тој спор опстои се додека двајца политичари, Зоран Заев и Алексис Ципрас, не одлучија дека мора да биде надминат и вложија политичка вештина и огромна политичка храброст во Преспанскиот Договор па Северна Македонија се роди од пепелта на БЈРМ“ рече Џорџ Робертсон.
Една деценија е оптимистичко сценарио, во кое не влегуваат сериозни пречки кои може да се појават на патот на проширувањето, пречки кои може да произлезат и од самата ЕУИзвештај „Северна Македонија на прагот на Европа“
Дебатата беше организирана како дел од промоцијата на извештајот на Атлантскиот совет „Северна Македонија на прагот на Европа“ во кој се наведува дека земјата може да се надева дека ќе стане членка на Европската Унија по Црна Гора која сега е најнапред во процесот.
„Сепак, ова не значи дека полноправното членство е можно во скоро време. Една деценија е оптимистичко сценарио, во кое не влегуваат сериозни пречки кои може да се појават на патот на проширувањето, пречки кои може да произлезат и од самата ЕУ“ стои во извештајот.