Линкови за пристапност

САД во трка за откривање нови мутации на вирусот


(Њујорк, АП) И покрај добриот здравствен систем и познатите Центри за контрола на болести, Соединетите Држави заостанаа во детектирањето на опасните мутации на корона вирусот. Дури сега го надоместуваат пропуштеното.

Проблемот не е недостатокот на технологија или експертиза туку, како што велат научниците, отсуството на национално водство и координација, плус недостатокот на финансирање и материјали за преоптоварените лаборатории кои се обидуваат да балансираат меѓу дијагностирачкото тестирање и потрагата по генетски промени.

„Ги имаме умовите. Ги имаме алатките. Ги имаме инструментите. Во прашање е само поддршката на тие напори“ вели Илхем Месауди, директор на центарот за вирусни истражувања на Универзитетот во Калифорнија.

Вирусите постојано мутираат. Поради ова научниците анализираат примероци и бараат мутации кои би можеле да го направат позаразен или посмртоносен.

Но, ваквото тестирање не се прави доволно.

Помалку од 1% од позитивните примероци во САД генетски се секвенционираат за да се утврди дали имаат загрижувачки мутации. Други држави се подобри во ова – Обединетото Кралство секвенционира околу 10%. Ова значи дека тие побрзо можат да ги откријат заканите. Тоа им дава поголема можност да го успорат и запрат проблемот преку следење на контакти, евентуално прилагодување на вакцините или предупредувања за јавноста.

Од Центрите за контрола на болести велат дека новите варијанти се одговорни за неодамнешното зголемување на бројот на случаи во САД. Експертите се загрижени зашто она што се случува со новите варијанти е се уште недоволно јасно и велат дека државата требала да биде поагресивна во раното секвенционирање на вирусот кој досега уби над 450 илјади Американци.

„Доколку имавме докази дека вирусот се менува луѓето можеби ќе се однесуваа поинаку“ вели Ден Џоунс, молекуларен биолог од Универзитетот на Охајо.

Американските научници открија над 500 случаи на варијантата која прв пат беше детектирана во Обединетото Кралство и очекуваат дека за неколку недели таа ќе биде главната варијанта во земјата. Други загрижувачки варијанти кои првично беа поврзани со Бразил и Јужна Африка беа детектирани минатата недела. И за нив се очекува дека ќе продолжат да се шират.

Британската варијанта е позаразна а се верува и дека посмртоносна од оригиналот, додека онаа од Јужна Африка е поотпорна на вакцините.

Постои страв дека може да се појави сосема нова варијанта која е отпорна на вакцините и третманите.

Потенцијално загрижувачки мутации можат да се развијат и во САД.

„Вирусот мутира и не му е гајле дали е во Ајдахо или во Јужна Африка“ вели Месауди.

Но, вистинската големина на проблемот во САД не е јасна поради релативно ниското ниво на секвенционирање.

XS
SM
MD
LG