Линкови за пристапност

Рускиот главен обвинител поддржува затвор за Навални, место суспензија на казната


Илјадници лица протестираа вчера низ градовите во Русија, а независни набљудувачки групи регистрираа повеќе од 5.000 апсења, меѓу кои и сопругата на Навални

Канцеларијата на главниот обвинител на Русија изјави дека го поддржува барањето на федералниот затвор за затворска казна за опозицискиот лидер и критичар на Кремљ Алексеј Навални, наместо суспензија на казната.

Навални се соочува со можна затворска казна од три и пол години, по обвинение дека ја прекршил условната казна во 2014 година, што Европскиот суд за човекови права подоцна го отфрли како бесмислено.

Навални се наоѓа во 30-дневен притвор, откако беше уапсен при враќањето од Германија во средината на јануари, каде се лекуваше по труење, за што тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин.

Кремљ негираше каква било вмешаност, но, одби да го истражува обидот за убиство на Навални, велејќи дека недостасуваат докази.

Илјадници граѓани протестираа вчера низ градовите во Русија, барајќи ослободување на Навални, соочувајќи се со закани за апсење од страна на Владата.

Заклучно со вчера, независни набљудувачки групи регистрираа повеќе од 5.000 апсења, меѓу кои и сопругата на Навални.

САД и европските сојузници го осудија апсењето на Навални и агресивниот владин одговор кон демонстрантите, предизвикувајќи реакција од Кремљ, кој, пак, обвини за западно мешање во внатрешните работи на државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG