Линкови за пристапност

Економијата на САД забавила, но не колабирала на крајот на 2020


Американската влада вели дека најголемата светска економија пораснала еден процент последното тримесечје, но опаднала 3,5 проценти за целата година

Економијата на САД значително забавила, но не пропаднала во последните три месеци од 2020 година, објави Одделот за трговија во четвртокот, и покрај тоа што илјадници бизниси биле принудени да ги ограничат своите активности поради сеуште растечката пандемија на коронавирус.

Националната економија на САД, најголема во светот, порасна за 1% во периодот од октомври до декември, што е помалку од напредувањето од 7,5% во претходните три месеци.

Со остриот економски пад забележан во екот на пандемијата на почетокот на годината, економијата на САД се намалила 3,5% во 2020 година споредено со претходната година, објави агенцијата за трговија. Економијата порасна 2,2% во 2019 година.

Сепак, падот во 2020 година не беше толку голем како што предвидуваа некои финансиски експерти кога коронавирусот првпат влезе во САД пред една година. Сега, економистите предвидуваат скок во 2021 година, особено во втората половина на годината, бидејќи милиони Американци се вакцинираат против вирусот.

Некои експерти сметаат дека економското подобрување веќе започна во јануари, бидејќи пакетот за олеснување на ударот од коронавирусот вреден 900 милијарди долари, потпишан од поранешниот претседател Доналд Трамп минатиот месец, покажува ефекти низ американската економија.

Сега, новиот претседател, Џо Бајден, се залага за поголема помош, договор вреден 1,9 трилиони американски долари, со кој ќе се зголеми надоместокот за невработеност до септември и ќе се испратат 1.400 американски долари до сите, освен до оние со високи примања. Сепак, за тоа е потребно одобрување од Конгресот и обемот на каква било помош е неизвесен.

Побарувањата за надомест за невработеност остануваат повишени минатата недела, објави во четвртокот Одделот за труд на САД, но се подобри во однос на претходната недела.

Владата соопшти дека 847.000 работници поднеле барања за бенефиции минатата недела, што е за 67.000 помалку од ревидираната бројка од претходната недела. Но, како што Бајден ја започна својата втора недела на работното место, американската економија сè уште се соочува со неповолни ветрови, со десетици илјади луѓе кои се заразуваат секојдневно, а работодавците добиваат нови наредби од државните и општинските власти да го ограничат работното време или да затворат за да се спречи ширењето на вирусот.

Владата претходно овој месец објави дека работодавците во САД укинале 140.000 работни места во декември, што е прв пад во растот на работните места од пандемијата што ја зафати земјата минатиот март и април и ја погоди националната економија. Со недели, бројот на побарувања за бенефиции за невработеност остана стабилен во опсегот од 700.000 до 800.000, но се зголеми уште повеќе во последните неколку недели. Сите неделни вкупни износи во последните неколку месеци се далеку под 6,9 милиони рекордни побарувања поднесени на крајот на минатиот март кога пандемијата се појави во САД. Сепак, сите бројки за побарувања за бенефиции за невработени во последните 10 месеци беа над највисоко ниво откако се бележи овој параметар, што датира од 60-тите години на минатиот век.

Националната влада исплаќа по 300 долари неделно како додаток на помалку дарежливи бенефиции од сојузните држави, и тоа истекува во март. Бајден, како дел од неговиот предложен пакет за олеснување од последиците на коронавирусот во износ од 1,9 трилиони долари, се обидува да ги зголеми исплатите на 400 американски долари неделно до септември. Бајден има тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом, што го олеснува одобрувањето на неговиот пла, но само ако демократите гласаат како блок или ако претседателот може да убеди некои републикански законодавци да го поддржат.

Речиси 10 милиони од 22 милиони работници кои ја загубија работата остануваат невработени во САД. Стапката на невработеност е стабилна на 6,7% во декември, а многу економисти велат дека бројката може да остане покачена со месеци.

Пактот помош што Трамп го потпиша вклучува 600 долари уплати на повеќе од 80% од возрасните Американци, со исклучок на најголемите заработувачи. Бајден бара дополнителни исплати од 1.400 долари, иако некои законодавци изјавија дека плаќањата треба да бидат повеќе насочени, само за луѓе со пониски примања на кои најмногу им требаат парите.

XS
SM
MD
LG