Линкови за пристапност

Претставничкиот дом ги предаде одредбите за импичмент на Сенатот


Трамп не е на функцијата но се соочува со судење во Сенатот по обвинение за поттикнување бунтовништво на Капитолот

Американските сенатори во вторник ќе дадат заклетва како поротници во судењето за импичмент на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Самото судење нема да започне пред неделата што почнува на 8-ми февруари, откако демократските и републиканските лидери се согласија на кусо одлагање за да се даде време на законодавците кои ќе служат како обвинители и на одбранбениот тим на Трамп да се подготват. Дополнителното време исто така ќе му овозможи на Сенатот да потврди повеќе лица номинирани за Кабинетот на Џо Бајден.

Законодавците од Претставничкиот дом кои ќе служат како обвинители во судењето, вчера церемонијално ги предадоа одредбите за импичмент обвинувајќи го Трамп дека поттикнал бунт во врска со упадот на толпа негови поддржувачи во американскиот Капитол порано месецов. Упадот ги натера законодавците набрзина да најдат засолниште и резултираше во смрт на пет лица.

Главниот менаџер на Претставничкиот дом Џејми Раскин од Мериленд ги прочита обвиненијата, велејќи дека Трамп „сериозно ја загрозил безбедноста на САД и институциите на владата“.

Трамп го ангажирал адвокатот за етика и избори Буч Боверс да ја води одбраната заедно со Дебора Барбиер, поранешна федерална обвинителка која работи како бранителка со специјализација за криминал на „бели крагни“.

Демократскиот сенатор Патрик Лехи, кој држи во голема мерка церемонијална улога во Сенатот како претседавач за одредено време, во понеделникот кажа дека ќе претседава со судењето за импичмент. Американскиот устав бара од главниот судија на Врховниот суд да претседава со распит за импичмент на претседател, но бидејќи Трамп не е повеќе на функцијата, официјални лица кажаа дека главниот судија Џон Робертс нема да претседава.

Потребно ќе биде двотретинско мнозинство за да се осуди Трамп. Со Сенатот политички поделен меѓу 50 републиканци и 50 демократи, 17 републиканци ќе треба да се свртат против Трамп за да биде осуден, под претпоставка дека сите демократи ќе гласаат како блок против поранешниот претседател.

Бајден за CNN во понеделникот кажа дека не мисли оти ќе има доволно републиканска поддршка за осуда. Тој рече дека судењето „треба да се случи“ и дека би имало „полош ефект ако не се случи“.

XS
SM
MD
LG