Линкови за пристапност

Државните институции ги отворија вратите за админстративците по Рамковен


По 10 години и потрошени речиси 100 милиони евра договорен е трансферот на службениците вработени по Рамковниот договор кои добиваа плата а седеа дома. Кој во која институција ќе оди засега не се открива. Вицепремиерот тврди, списокот е пречистен и дека на него нема лица кои не живеат во државата

СКОПЈЕ - Над илјада и триста службеници кои фигурираа како вработени во Секретарјатот за спроведување на Рамковниот договор а сега Министерство за политички системи и односи меѓу заедниците ќе бидат трансферирани во државни институции и по речиси десет години ќе почнат да одат на работа и да си ја заработуваат платата.

Владата го усвои планот а денеска вицепремиерот Артан Груби соопшти неколку детали околу институциите во кои ќе бидат пресрапределени овие службеници. Сепак списокот на службениците, нивната стручна спрема и институцијата и позицијата на која ќе бидат префрлени не е објавен. Официјално бидејќи содржи лични податоци како матичен број а државните органи засега не направиле верзија на листата без заштитените податоци која би била достапна до јавноста.

Вицепремиерот Груби, очекува до крајот на месецот, најголем дел од овие 1.349 службеници да се појават на новите работни места. Новите работодавачи пак се должи да им обезбедат тековна обука на службениците превземени од Министерството за политичкис истеми за да може ефикасно да работат.

„Немаат право да бираат друго место. Ова е единствената можност каде може да бираат. Нивните ушпатни решенија јас веќе ги потпишав. Ако по која било основа кој било од нив не дојде во рок од 7 дена, тогаш на сите тие им се укинува работното место во Министерството за политички систем и се ставаат на трансфер-листа во Министерството за информатичко општество и администрација каде што веќе изборот не е нивен, односно од институцијата која има слободно место им се нуди. Ако тоа го одбијат, им се укинува работниот договор“, објасни Груби.

Најголем дел од службениците, според Груби, се правници и економисти но има и со средно образование. Тој уверува дека нема да се прераспоредуваат службеници кои фигурираат како вработени а всушност живеат и работат во странство.

„Направена е претходна проверка. Веќе се доделени некои отказни решенија. Некои од тие луѓе сами побараа да им се раскине доогворот со министерството. Прочистена е листата и сметам дека тоа прашање е апсолвирано“, рече Груби.

Засега се знаат само дел од 237 државни институции кои ќе ги отворат вратите за новите службеници. Станува збор за министерства, судови, агенции, инспекторати, болници. Во МВР заминуваат 143 службеници, Финансии - 25, во дипломатијата се селат 26 службеници, во земјоделство -21, во образование -11, УЈП ќе превземе 92 вработени а државното правобранителство и Царината ќе превземат по 74 слуѓбеници вработени според Рамковниот договор.

Проблемот со околу илјадниците државни службеници вработени според Рамковниот клуч, кои воопшто не одеа на работа а редовно добиваа плата се решава со години. Уште во 2018 година тогашниот министер за инфроматичко општество и администрација Дамјан Манчевски, соопшти дека проблемот е решен и дека во две групи од по 900 службеници ќе се врши трансферот во други институции. Роковите се поместуваа од месец во месец за на крај тоа да не се случи.

Секретарјатот за спроведување на Рамковниот договор е формиран во 2008 година. Оттогаш во него се вработиле околу 3.500 лица. Досега од Буџетот на сметка на Секретарјатот а потоа Министерството за политички системи како негов наследник се префлени речиси 100 милиони евра од кои над 82 милиони се се потрошени за плати на службениците кои воопшто не одеа на работа. Платите во Секретарјатот се движеа од 18 до 40 илјади денари.

Во моментов на списокот на вработени во Министерството за политички системи кое го раководи вицепремиерот Груби фигурираат околу 1.400 слубеници од кои само 44 одат секојдневно на работните места. Буџетот за ова министерство е 5,9 милијарди денари или 9,1 милион евра од кои 8,4 милиони евра се наменети за плати на службениците кои не одат на работното место бидејќи седат дома или пак имаат друга работа.

Официјално објаснување од Владата, зошто се дозволи со години лица кои што не одат на работа па дури и не живеат во државата да добиваат плата од Буџетот немаше.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG