Линкови за пристапност

Администрацијата на Бајден со критики за кинеските санкции за соработниците на Трамп


Администрацијата на Џо Бајден ја критикуваше одлуката на Кина да воведе санкции за дел од соработниците на Доналд Трамп, соопштена само неколку минути откако Џо Бајден стана 46-от претседател на САД.

Поранешниот државен секретар Мајк Помпео е меѓу 28 луѓе за кои кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека „планирале, промовирале и извршиле серија неверојатни потези со кои сериозно се вмешале во внатрешните работи на Кина, ги поткопале кинеските интереси, го навредиле кинскиот народ и сериозно ги нарушиле кинеско – американските односи.“

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Џунјинг, го нарече Помпео „кловн“ на брифингот со новинари кои го одржа денеска.

Министерството соопшти дека луѓето опфатени со санкциите, како и членовите на нивните потесни семејства „не смеат да влезат во Кина, Хонгконг и Макао“, како и дека компаниите поврзани со нив не смеат да имаат бизнис зделки со Кина.

Емили Хорн, портпаролка на Националниот совет за безбедност на претседателот Џо Бајден, ги критикуваше санкциите како „непродуктивен и циничен потег“ во изјава дадена за Ројтерс. Хорн рече дека Бајден „со нетрпение ја очекува соработката со лидерите од двете партии за да ја позиционира Америка да ја надмине Кина.“

Кинеско – американските односи нагло се влошија откако Трамп воведе дополнителни царини за кинеските производи кусо по неговото стапување на функцијата.

XS
SM
MD
LG