Линкови за пристапност

Џо Бајден положи заклетва – стана 46-ти претседател на САД


Џо Бајден ја положи свечената заклетва со што и официјално стана 46-от претседател на Соединетите Држави.

Тој ја положи заклетвата и се заколна дека ќе го чува американскиот Устав и ќе ја брани земјата од сите непријатели, странски и домашни.

Бајден кој има 78 години е најстариот лидер во историјата на земјата. Тој зад себе има 36 години служба како сенатор и 8 години како потпретседател.

Кратко пред него Камала Харис, поранешна сенаторка од Калифорнија, стана потпретседалка, највисока функција што досега ја имала жена во историјата на САД.

На церемонијата присуствуваа три поранешни претседатели – Барак Обама, Џорџ Буш Помладиот и Бил Клинтон.

Поранешниот претседател Доналд Трамп ја игнорираше традицијата стара 152 години и не присуствуваше. Наместо тоа замина на неговиот имот на Флорида.

Оваа година, поради пандемијата, ја немаше и вообичаената толпа на посетители кои го исполнуваат Националното шеталиште за да ја следат церемонијата во живо.

На нивно место се поставени 200 илјади знамиња на САД, на сојузните држави и на териториите. Тие ги претставуваат луѓето кои не можат да присуствуваат.

По церемонијата на инаугурација Бајден и Харис треба да положат венци на Гробот на незнајниот војник во Националните гробишта во Арлингтон, во непосредна близина на Вашингтон.

Бајден, кој осум години служеше како потпретседател под Барак Обама, денеска планира да потпише повеќе извршни наредби и други укази, а неговата портпаролка Џен Псанки треба да го одржи првиот брифинг.

Вечерта, која вообичаено е исполнета со балови, овој пат ќе има телевизиски настан наречен „Славејќи ја Америка“ за време на кој ќе се обратат Бајден и Харис.

XS
SM
MD
LG