Линкови за пристапност

Џо Бајден станува нов американски претседател


Бајден, кој осум години служеше како потпретседател под Барак Обама, денеска планира да потпише повеќе извршни наредби и други укази.

Џо Бајден денеска ќе стане новиот американски претседател, а Камала Харис ќе биде првата жена потпретседателка на САД. Тие стапуваат на функциите на пладне, откако ќе положат заклетви.

Церемонијата на инаугурација е видоизменета поради пандемијата со Ковид-19.

Нема да ги има вообичаените стотици илјади луѓе кои доаѓаат на Националното шеталиште кое се протега пред Конгресот. На нивно место се поставени 200 илјади знамиња на САД, на сојузните држави и на териториите. Тие ги претставуваат луѓето кои не можат да присуствуваат.

Пред да стапи на функцијата се очекува Бајден да упати порака за единство, особено за потребата луѓето да се сплотат во очи на предизвиците кои ги донесе пандемијата поради која починаа над 400 илјади Американци и која предизвика економски тешкотии за многумина.

„За да закрепнеме, мора да се сеќаваме. Некогаш е тешко да се сеќаваме, но тоа е начинот на кој закрепнуваме“ порача Бајден синоќа откако заедно со Камала Харис предводеа церемонија за сеќавање на жртвите од Ковид-19 која се одржа пред меморијалот на Линколн, а на која беа осветлени 400 фенери кои ги симболизираа жртвите.

„Важно е како нација да го направиме тоа, затоа сме овде денеска. Од зајдисонце до изгрејсонце, да ја осветлиме темнината и да се сетиме на оние кои ги загубивме“ порача Бајден.

Тој се заложи дека веднаш штом ќе стапи на функцијата „ќе се зафатам со работа“ и рече дека „немаме за губење ниту една секунда кога станува збор за справување со оваа криза со која се соочува нашата нација.“

Бајден и неговата сопруга Џил заедно со Харис и нејзиниот сопруг Даг Емхоф денот го започнуваат со миса во катедралата Свети Метју во Вашингтон.

Во исто време претседателот во заминување Доналд Трамп треба да ја напушти Белата Куќа и да замине на неговиот имот на Флорида. Трамп е првиот американски лидер кој во изминатите 150 години не присуствувал на инаугурацијата на неговиот наследник.

Се очекува дека на настанот ќе присуствува потпретседателот во заминување Мајк Пенс, како и поранешните претседатели Барак Обама, Џорџ Буш Помладиот, Бил Клинтон како и нивните сопруги.

По церемонијата на инаугурација Бајден и Харис треба да положат венци на Гробот на незнајниот војник во Националните гробишта во Арлингтон, во непосредна близина на Вашингтон.

Бајден, кој осум години служеше како потпретседател под Барак Обама, денеска планира да потпише повеќе извршни наредби и други укази, а неговата портпаролка Џен Псанки треба да го одржи првиот брифинг.

Вечерта, која вообичаено е исполнета со балови, овој пат ќе има телевизиски настан наречен „Славејќи ја Америка“ за време на кој ќе се обратат Бајден и Харис.

XS
SM
MD
LG