СКОПЈЕ – Бројките на заболени и на хоспитализирани продолжуваат да опаѓаат и со тоа се отвори простор интерните клиники во склоп на Клиничкиот центар во Скопје полека да се вратат во нормална функција. Четворицата пациенти кои се во Ковид центарот на клиниката за уво, нос и грло денеска ќе бидат преместени а центарот затворен. Ова е втора интерна клиника во која Ковид центарот се затвара, по очната, каде од вчера веќе нема хоспитализирани пациенти заболени од коронавирус.
Доколку трендот на опаѓање на бројките се задржи, министерот Филипче најавува дека приоритет е затварање на сите Ковид центри во склоп на интерните клиники со што тие би се вратиле на приманата задача и функција. Пациентите кои во моментот се хоспитализирани во тие центри етапно би се префрлиле во модуларната болница поставена веднаш до Инфективната клиника која пак повторно би се ставила во фунција.
„Бројката на пациенти на кои што им е потребна хоспитализација значајно се намалуваше изминативе денови, последните две недели посебно. Тоа ни дозволи денеска во функција да се стават клиниките за оториноларинологија и офтамологија. Планираме да направиме прераспределба на пациенти со следните неколку денови со цел прво да се ослободи одеделението за неврологија а понатаму доколку продолжат овие трендови ќе ја активираме мнодуларната болница до Инфективната клиника за целосно да се ослободат интерните клиники. Ова е еден процес кој би требало да се случувца во следните две недели“, изјави Филипче за Гласот на Америка на македонски јазик.
Дали и како ќе се постапува и кои ќе бидат следните чекори зависи од анализата на МАНУ каде се испитува дали има некаква мутација на вирусот кај случаите детектирани во последните две недели.
Во меѓувреме изградбата на модуларните болници во внатрешноста од државата продолжува без разлика на текот на настаните и бројките на заболени. Планот на министерството за здравство е тие да се користат како инфективни одделенија или ургентни центри.
„Изградбата на модуларните болници продолжува и во следниот период целосно ќе се заокружи. Тиер се така планирани и опремени и по потреба, доколку нема Ковид пациенти, можат да бидат инфективни одделенија или мини ургентни центри бидејќи имаат тип на опрема која може да се користи за било која патологија понатаму во функционирањето“, објаснува Филипче.
Министерот смета дека засега не може да се констатира дека вирусот ослабел а падот на бројките го детектира кај рекстриктивните мерки кои се на сила.
Според официјалните податоци на министерството за здравство, во моментов на Инфективната клиника, во Градската болница и на интерните клиники се хоспитализирани 283 пациенти а има 163 слободни кревети од кои 75 се токму на интерните клиники. Во целата држава пак има 680 пациенти заболени или суспектни на Ковид-19 и 681 слободен кревет.
Владата на денешната седница одлучи да го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести и да ги разлабави мерките и од четврток угостителите ќе работат до 21 часот.
Facebook Forum