Линкови за пристапност

Силни безбедносни мерки пред инаугурацијата на Џо Бајден


ФБИ ги проверува 25-те илјади членови на Националната гарда кои се распоредени во Вашингтон за да го обезбедуваат настанот.

Во очи на нивната инаугурација, новоизбраните претседател Џо Бајден и потпретседателка Камала Харис ќе оддадат почит кон 400-те илјади Американци кои починаа од Ковид-19.

На настанот ќе присуствуваат и сопругата на Џо, Џил Бајден како и сопругот на Камала, Даг Емхов. Ќе бидат поставени 400 светилки во езерото пред Меморијалот на Линколн кој се наоѓа на спротивниот крај од Националното шеталиште од Конгресот каде утре Бајден и Харис ќе положат заклетва.

И други знаменитости низ САД, како Емпајр стејт билдинг во Њујорк и Спејс Нидл во Сиетл ќе бидат осветлени во исто време.

Комитетот за инаугурација на Бајден соопшти дека стотици градови, племиња и заедници исто така ќе се вклучат во овој „национален момент на единство.“

На почетокот на мандатот на Бајден и Харис во фокусот ќе биде справувањето со Ковид-19 и целта да бидат извршени 100 милиони вакцинации во првите 100 дена.

Досега над 12 милиони Американци ја добија првата доза од вакцината.

Денеска исто така започнуваат сослушувањата во Сенатот за назначување на дел од новите членови на кабинетот кои ги предложи Џо Бајден. Ова ги вклучува номинираната секретарка за финансии Џенет Јелен, номинираниот прв човек во Стејт Департментот Антони Блинкен, номинираниот секретар за одбрана Лојд Остин.

Американските безбедносни власти велат дека се преземаат сите мерки на претпазливост, ФБИ ги проверува 25-те илјади членови на Националната гарда кои се распоредени во Вашингтон за да го обезбедуваат настанот кој се случува две недели откако поддржувачите на Доналд Трамп упаднаа во Конгресот.

Местото на инаугурацијата е затворено со безбедносна ограда и бодликава жица, многу поголема мерка за претпазливост во однос на претходните инаугурации.

Властите го затворија Националното шеталиште, како и улиците и метро станиците во голем дел од Вашингтон. И мостовите кои водат кон градот од државата Вирџинија исто така ќе бидат затворени.

Претседателот Доналд Трамп, спротивно на традицијата стара 160 години, нема да присуствува на инаугурацијата на неговиот наследник. Наместо тоа во среда наутро ќе замине на неговиот имот на Флорида.

Потпретседателот Мајк Пенс планира да присуствува.

XS
SM
MD
LG