Линкови за пристапност

Претставничкиот дом изгласа импичмент за Трамп


Ова е второ отповикување за Трамп; Сенатот треба да одржи судење по инаугурацијата на Бајден

Претставничкиот дом изгласа импичмент за претседателот Доналд Трамп во средата, наведувајќи дека тој поттикнал бунтовништво минатата недела со насочување на илјадници негови поддржувачи кон Капитолот за да го поништат неговиот изборен пораз, по што толпата демонстранти предизвикала смртоносно безредие.

Со 232-197 гласови за импичмент, на само една недела до крајот на четиригодишниот мандат на американскиот лидер, мнозинството демократски законодавци беа поддржани од 10 републиканци.

Со тоа Домот го направи Трамп прв од 45 претседатели во 245-годишната историја на државата кој два пати е отповикан.

Тој беше ослободен од Сенатот пред една година во друг случај за импичмент и сега се соочува со ново судење во неделите откако новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе биде инаугуриран следната среда. Ќе бидат потребни две третини од гласовите во Сенатот за да биде осуден, а просто мнозинство може да му забрани во иднина да држи федерална функција.

Гласањето за импичмент на Претставничкиот дом се случи една недела откако демонстранти упаднаа во американскиот Капитол, светскиот симбол на американската демократија, додека Конгресот водеше постапка за сертифицирање на гласовите на Изборниот колеџ, што покажа дека Бајден го поразил Трамп на изборите во ноември.

Толпата приврзаници на Трамп упадна во некои канцеларии на Конгресот и покрај материјалната штета резултатот беше и петмина мртви. Тројца демонстранти починаа од здравствени причини поврзани со настанот, а едно лице беше застрелано од полицијата. Еден полицаец почина, а властите го водат случајот како убиство.

Трамп не коментираше веднаш во средата за повторно отповикување. Но, во услови на предупредувања за поголемо насилство околу инаугурацијата на Бајден следната недела, тој издаде соопштение во кое повикува да „нема насилство, да нема беззаконие, и да нема вандализам од каков било вид“. „Тоа не е она за што јас се залагам и не е тоа за што се залага Америка. Ги повикувам СИТЕ Американци да помогнат во смирување на тензиите и смирување на страстите“.

XS
SM
MD
LG