Линкови за пристапност

Дел од Републиканците со поддршка за импичмент на Доналд Трамп


Се очекува Претставничкиот дом денеска да гласа за досега невиден, втор импичмент за претседателот Доналд Трамп.

Демократите имаат мнозинство и доволно гласови и самите да го одобрат импичментот, но ним им се придружуваат и Републиканци чиј број се зголемува.

Конресменката Чејми Харера Батлер објави во вторникот дека ќе гласа за импичментот наведувајќи дека Трамп „постапил спротивно на неговата заклетва.“

Конгресменката Лиз Чејни која е дел од раководството на Републиканската Партија во Претставничкиот дом кога објасни зошто дава поддршка за импичментот рече дека „никогаш досега немало поголемо предавство“ од еден американски претседател.

Џон Катко, Адам Кинсинџер, Фред Уптон се другите Републиканци кои рекоа дека ќе дадат поддршка.

Лидерот на Републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Мек Карти, кој е близок сојузник на Трамп рече дека „импичмент во овој момент би имал спротивен ефект од сплотување на земјата.“

И Доналд Трамп имаше слична порака за време на посетата на американско – мексиканската граница во вторникот.

„Тоа предизвикува огромни гнев, поделба и болка. Многу поголеми од она што го сфаќаат повеќето луѓе. Тоа е многу опасно за САД, особено во ова чувствително време“ рече Трамп.

Апелираше за смиреност и рече дека сега е „време за ред и време за поредок.“

Трамп кој во видео порака минатата недела на толпата поддржувачи им рече „ве сакаме, вие сте многу посебни“ не одговараше на прашања од новинарите.

Доколку Претставничкиот дом го изгласа импичментот, процесот се префрла во Сенатот каде гласањето е неизвесно.

XS
SM
MD
LG