Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, вели дека Претставничкиот дом во понеделник ќе понуди резолуција со која ќе го повика кабинетот на претседателот Доналд Трамп да го искористи 25-тиот амандман од Уставот и да го отстрани од функцијата.
Во писмото до нејзините демократски колеги, Пелоси вели дека ако потпретседателот Мајк Пенс не одговори во рок од 24 часа, Домот ќе започне постапка за импичмент.
„Заштитувајќи го нашиот Устав и нашата демократија, ќе дејствуваме итно, бидејќи овој претседател претставува непосредна закана за двете нешта. Како што одминуваат деновите, хоророт од тековниот напад врз нашата демократија извршен од овој претседател се интензивира, а исто така и непосредната потреба за акција “, се вели во писмото.
Притисокот да се отстрани Трамп во последните денови додека е на власт, доаѓа во време на зголемени повици да се повика на одговорност за инцидентите од минатата среда, кога петмина загинаа во американскиот Конгрес откако внатре упадна толпа приврзаници на Трамп.
Ниту Трамп ниту Белата куќа одговорија на овој потег на Пелоси во неделата.
Новоизбраниот претседател Џо Бајден зазеде практичен став во врска со потегот за импичмент против претседателот во заминување, кој сè уште не ги прифати изборите, но призна дека ќе има „нова администрација“ во Вашингтон, на 20 јануари.
„За 10 дена, одиме напред и повторно градиме - заедно“, напиша Бајден во неделата на Твитер.
Еден од најважните конгресмени на Пелоси, Џим Клибурн од Јужна Каролина, за емисијата „Фокс њуз во недела“ изјави дека Домот може да гласа за импичмент во рок од неколку дена, иако четиригодишното претседателство на Трамп завршува следната недела со инаугурацијата на Џо Бајден и на Камала Харис.
Со оглед на тоа што Трамп наскоро нема да биде на функција, мала е веројатноста Сенатот да одржи судски процес за импичмент пред да му заврши мандатот, иако тоа може да го стори и откако ќе се повлече. Доколку биде осуден нема да има право повторно да извршува федерална фунција.
Но, Клибурн вели дека итноста да изврши импичмент на Трамп по втор пат е од суштинско значење.
„Нашата работа е да направиме импичмент, тоа во основа е обвинение.“
Демократскиот конгресмен Илхан Омар од Минесота, долгогодишен критичар на Трамп, рече дека во понеделник ќе предложи два члена за импичмент против Трамп, за „злоупотреба на моќ“ односно за притисок врз изборните службеници во јужната држава Џорџија во обидот да ја поништи тесната победа на Бајден таму и за „поттикнување на насилство за организирање обид за државен удар против нашата земја“ со упадот во Конгресот.
Најмалку 180 демократи во Претставничкиот дом се потпишаа на иницијативата за импичмент, но тој број е помалку од мнозинството од 218 колку што имаат Демократите во 435-члениот дом, а ниту еден републиканец не изрази поддршка.
Трамп и Белата куќа засега молчат за можниот импичмент. Белата куќа соопшти дека Трамп треба да го посети Тексас во вторник за да ја нагласи работата на неговата администрација на граничниот ѕид што ги одделува САД и Мексико.
Републиканскиот сенатор Рој Блант од Мисури кој е и шеф на комитетот што ја планира инаугурацијата на Бајден, во емисијата „Соочи се со нацијата“ на Си-Би-Ес изјави дека импичментот и смената на Трамп од функцијата „очигледно нема да се случат од сега до последниот ден кога тој е на функција.“
Двајца републикански сенатори, Лиса Мурковски од Алјаска и Пат Томи од Пенсилванија, повикаа Трамп да поднесе оставка, но претседателот им има кажано на своите советници дека не планира да го стори тоа.
„Мислам дека во овој момент, кога остануваат само уште неколку дена, тоа е најдобриот пат напред, најдобриот начин да ја оставиме оваа личност зад нас“, рече Туми во неделата на Си-Ен-Ен, повикувајќи го Трамп доброволно да се откаже . „Тоа би можело да се случи веднаш, но не сум оптимист дека ќе се случи.“
Во меѓувреме, некои американски дипломати го осудија поттикнувањето на Трамп на нападот врз Конгресот и повикаа на употреба на 25-тиот амандман од Уставот на САД со кој тој може да биде прогласен за неспособен и да биде отстранет од функцијата.
Дипломатите користејќи го она што е познато како „канал за несогласување“ на Стејт департментот, изјавиле дека стравуваат оти инцидентите од минатата среда може лошо да го нарушат кредибилитетот на САД во странство за промовирање на демократските вредности.
„Неуспехот јавно да се повика претседателот на одговорност дополнително би ја оштетил нашата демократија и нашата способност ефикасно да ги остваруваме нашите надворешно-политички цели во странство“, се вели во еден од депешите испратени до раководството на Стејт департментот.
Нападот врз Конгресот има и финансиски последици за претседателот и други републиканци.
Професионалната асоцијација за голф на Америка доцна во неделата објави дека го раскинува договорот за одржување на шампионатот во 2022 година, еден од четирите најголеми турнири во голф, кој требаше да се одржи на терените Бедминстер во Њу Џерси кои се во сопственост на Доналд Трамп.
Во соопштението, претседателот на Асоцијацијата, Џим Рикерсон, не го спомна Трамп или настаните од средата, но рече дека одржувањето на турнирот на терените Бедминистер ќе биде „штетно за брендот.“
Мериот Интернешнл, најголемата светска хотелска компанија и гигантот за здравствено осигурување Блу Крос Блу Шилд во неделата соопштија дека ќе ги суспендираат донациите за американските законодавци кои гласаа против заверување на изборната победа на Бајден.
Големите банки, вклучително и Џеј Пи Морган и Ситигруп, најавија пауза за сите политички донации.