Американскиот Конгрес ја потврди победата на демократот Џо Бајден на ноемвриските претседателски избори, со што заврши неговата уставна обврска рано во четвртокоткако беше принуден на евакуација од зградата на Капитолот заради упад од поддржувачи на претседателот Трамп.
Потпретседателот Мајк Пенс, кој претседаваше со прекинатата седница, го објави официјалното гласање на Изборниот колеџ: 306 гласови за Бајден и 232 за Трамп.
Трамп изминатите два месеци постојано и неосновано тврдеше дека е победник и ги повика своите приврзаници да се борат против резултатот, вклучително и во повеќе изјави во средата.
Веднаш штом Конгресот ја потврди победата на Бајден, Трамп вети мирна транзиција на власта на 20 јануари, додавајќи - „иако не се согласувам со исходот на изборите“.
„Отсекогаш сум велел дека ќе ја продолжиме нашата борба за да обездбедиме да се бројат само законските гласови“, рече Трамп. „Иако ова претставува крај на најголемиот прв мандат во историјата на претседателството, тоа е само почеток на нашата борба да ја направиме Америка повторно голема!“