Линкови за пристапност

Уморен од пандемијата, светот ја поздрави 2021-та


Населението на светот од 7,8 милијарди луѓе се збогува од 2020 година без вообичаените фанфари и јавни собири заради пандемијата на коронавирус.


Русија ги откажа повеќето јавни настани за почетокот на 2021 година. Сепак, во рускиот град Калуга, што се смета за главен град на руската новогодишна прослава, беше дозволено туристи да присуствуваат на свечениот пречек на новата година, иако жителите бараа настаните да се откажат. Градот се наоѓа на 150 километри југозападно од Москва.

Турција ја дочека Новата година со започнување на четиридневното затворање, а претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека органите за спроведување на законот ќе ги прекинат сите незаконски забави во хотелите.

Од Брисел до Берлин, прославите беа пригушени со ограничувањата заради пандемијата.

Франција стави дополнителни 100.000 полицајци на улиците да го спроведуваат полицискиот час, а Грција исто така рече дека ќе спроведе полициски час.

„Никој не смее да биде на улица по 22 часот. [Атина] ќе биде мртов град за да се осигура да нема нови ограничувања “, рече грчкиот министер за јавен ред, Михалис Крисохоидис.

Во Велика Британија, која се бори со новата, позаразна варијанта на вирусот, од жителите беше побарано „да ја дочекаат новата година безбедно дома“. Лондон беше под стриктно затворање што ги ограничи божиќните прослави и празничниот шопинг, а огнометот над реката Темза беше откажан.


Дубаи ја започна 2021 година со својот годишен огномет во близина на највисоката зграда во светот, Бурџ Калифа, но некои велат дека мерките за спречување на ширењето на вирусот го направиле настанот помалку забавен.

„Луѓето доаѓаат во Дубаи затоа што е отворено, но има толку многу ограничувања“, изјави за Асошиејтед прес Башир Шеху (50), кој беше во посета од Абуџа, Нигерија, со своето семејство. „Се молиме следната година да можеме да славиме во вистинска слобода“.

Во Индија прославите беа намалени заради полицискиот час, забрана за забави на плажа и други ограничувања за патување. Во поголемите градови, хотелите и баровите беа затворени во 23 часот по локално време, а Асошиејтед прес објави дека беспилотни летала го следат движењето на луѓето во Мумбаи, каде беше забрането собирање во поголеми групи.

Јапонија ја пречека 2021 тивко, заради напливот на случаи на Ковид-19.

Гувернерката на Токио, Јурико Коике, побара од жителите да не присуствуваат на церемонии на одбројувањето.

„Коронавирусот не познава празници“, рече таа.

Јужна Кореја, каде што владата забрани собирање на повеќе од пет лица, виде поинаква новогодишна ноќ бидејќи традиционалното ѕвонење во Сеул беше откажано за прв пат од 1953 година. Плажите каде што јужнокорејците се собираат да го пречекаат изгревањето на сонцето беа затворени, а некои медиуми најавија планови за емитување на изгрејсонцето во живо. Скијачките центри и другите туристички места беа затворени.

Во Тајван, се одржа огномет во близина на познатата кула Тајпеј 101. Новогодишната церемонија за кревање на утренското знаме се одржа пред зградата на Претседателството, но таа беше ограничена само за владини претставници и поканети гости.

Тајван има седум смртни случаи и помалку од 1.000 инфекции, според Универзитетот Џонс Хопкинс, кој го следи вирусот што предизвикува Ковид-19.

Хонг Конг ги откажа јавните прослави втора година по ред. Минатата година, тоа се случи поради проблеми со јавната безбедност. Рестораните затворја во 18 часот по локално време, а настапите во живо беа откажани. Собирите беа ограничени на две лица, но Асошиејтед прес објави дека толпи останале во областите за шопинг.

Малите централни пацифички островски држави Тонга, Самоа и Кирибати први ја дочекаа 2021 година поради нивната локација на меѓународната линија за датуми, а по нив следуваа поголемите регионални сили Нов Зеланд, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја.

Пристанишниот град Оукланд на Нов Зеланд ја пречека новата година со големо ласерско шоу и огномет над Кулата Скај, додека жителите го прославија успешниот одговор на островската земја на епидемијата на коронавирус, што резултираше со само 2.162 инфекции и 25 смртни случаи.

Fireworks explode over the Sydney Opera House and Harbour Bridge as New Year celebrations begin in Sydney, Australia, Thursday, Dec. 31, 2020.
Fireworks explode over the Sydney Opera House and Harbour Bridge as New Year celebrations begin in Sydney, Australia, Thursday, Dec. 31, 2020.


Во Австралија, милиони луѓе кои обично се собираат на пристаништето во Сиднеј за да го гледаат светски познатиот огномет над познатата градска опера, ја следеа поставката од дома. Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклиан, претходно оваа недела објави дека на јавноста нема да и биде дозволен пристап на пристаништето поради зголемениот број случаи на Ковид-19 во предградијата на Севернатан плажа.

Преку Атлантикот, вообичаената толпа на рамо до рамо не беше дозволена на историскиот Тајмс Сквер во Њујорк оваа година, поради мерките за спречување наширењето на коронавирусот. Наместо народ имаше полиција разместена за обесхрабрување на секој што ќе се обиде да влезе во областа за да го види „спуштањето на топката“, со што се поздравува почетокот на новата година.

Во Рио де Жанеиро, во Бразил, официјалните лица ја откажаа новогодишна забава на плажа, која вообичаено привлекува стотици илјади луѓе со музика во живо и спектакуларен огномет.

XS
SM
MD
LG