Во одделните видео-обраќања шефот на државата и премиерот потсетија на како што ги нарекоа, скапо платените лекции од оваа година, и апелираа на заедништво за создавање на европска Северна Македонија.
„Не можеме со сигурност да знаеме што нé очекува во годината која е пред нас. Но, во ова време на неизвесност, една работа е извесна. Кризата не менува сите, постепено, секој ден, и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни. Треба да знаеме дека секое добро дело продолжува да живее во луѓето на кои сме им помогнале и за кои сме се грижеле. Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани“ изјави претседателот Стево Пендаровски.
„Идната, 2021 година, ќе биде година на вакцинацијата и на излез од коронавирус пандемијата. Вакцините се можност да заштитиме животи и повторно да си го вратиме вообичаениот начин на живот. Можност да ја надминеме оваа здравствена криза. За годината пред нас поставивме десет приоритети од нашата „Акција 21”: Правда и ред, борба со корупцијата и криминалот, квалитетно здравство, повисок животен стандард, стабилни услови за бизнис и високо платени работни места, достоинствена социјална помош, здрава животна средина. Европа дома! Европски стандарди дома! Сите во акција!“ изјави премиерот Зоран Заев.